Тие што имале прилика да посетат некои од големите аквариуми во светот веројатно знаат дека за разлика од некои други видови ајкули, големата бела ајкула тешко може да се види во нив. Причината за ова не е затоа што не се правени обиди да се донесе големата бела ајкула во аквариумите, туку фактот дека најголемиот број од нив умираат во аквариумите во рок од само неколку дена или недели.
Зошто големата бела ајкула е толку тешко да се задржи во „заробеништво“ , одговор дава новото видео на „Vox“.
Во основа постојат две главни причини зошто оваа ајкула ја нема во големите аквариуми– за да го изведат ова на аквариумите им се потребни неверојатно големи ресурси и уште поважно, ајкулите умираат надвор од океаните за многу кратко време, независно какви мерки ќе преземат стручните лица.
Според видеото, пред 2004-та година, најдолго што преживеала една ајкула во аквариум било 16 дена, и покрај обидите на бројни институции да ја одржат во живот подолго.
Едно од можните објасенија зошто ова се случува го даваат истражувачите од Штајнхарт Аквариумот во САД кои велат дека „во повеќето случаи би можело да се каже дека уловените ајкули веќе биле во процес на умирање, со тоа што некои преживеале подолго од другите“.
Со други зборови, ајулите кои стигнале до аквариумите веќе биле повредени и не успеале да се опорават. Со повредите веројатно се здобиле за време на транспортот или додека биле извлекувани од океанот.
Сепак, во 2004 година тимот од аквариумот Монтереј Беј успеал да одржи во живот голема бела ајкула 6 месеци користејќи аквариум со длабочина од 10 метри, кој собирал 3.785.411 литри, специјално изработен за животни кои живеат во големите води.
И покрај огромниот аквариум, тимот од Монтереј Беј сепак морал да стави ајкула голема само 1,2 метри – што е многу мала во споредба со белата ајкула со целосна големина која достигнува 4,5 метри, за да има доволно простор за пливање. Покрај тоа, белата ајкула со таа големина сѐ уште се храни со риби, наместо со цицачи, што им овозможувало полесно да се грижат за неа.
Кога сѐ ова било направено, тие успеале да ја задржат ајкулата во аквариумот 6 месеци пред повторно да ја вратат во океанот, откако убила неколку од „аквариумските пријатели“.
Ова е најдолгиот период некоја бела ајкула да е задржана во аквариум и веројатно уште долго ќе остане така, затоа што за ајкулите заробеништвото претставува исклучително стресна состојба, дури и ако е сѐ во најдобар ред.
Како што се објаснува во видеото, големата бела ајкула – за разлика од многу други видови на ајкули кои се чуваат во големите аквариуми, не може долго време да остане во тој простор. Тие преферираат отворени води кадешто ќе можат да пливаат на големи далечини, кога ќе посакаат.
Кога оваа ајкула ќе се извлече од својата природна средина и ќе се стави во аквариум, независно колку е тој голем, таа постојано се удира во стаклото, гребејќи ја главата или страничните делови сѐ додека од некоја причина – дали од повредите или од стресот не загине.
Можеби во иднина научниците ќе најдат начин да ги задржат овие неверојатни животни во аквариумите, за да може јавноста да ги види одблиску, но вистинското прашање е дали треба да се обидуваат или да ги остават на раат?!
Погледнете го видеото.