Зошто птиците немаат заби?

Птиците, исто како мравојадите, безвиличните китови и желките, немаат заби. Меѓутоа, според едно ново истражување, тоа не било отсекогаш така. Заедничкиот предок на сите птици имал заби пред 116 милиони години.

Постојат само фрагменти од фосилните остатоци од античките птици, но истражувањето на современите птици може да помогне да се објаснат промените со текот на времето. Затоа, научниците ги разгледувале мутираните остатоци од гените на забите во современите птици, за да откријат кога птиците развиле „edentulism” односно отсуство на заби.

Современите птици имаат малку искривена форма на клунот и дигестивен тракт кои им помагаат полесно да ја сомелат и обработат храната. Пронаоѓањето на фосилната птица „Archaeopteryx“ во Германија во 1861 година сугерирало дека птиците потекнуваат од предок на рептилите, кој имал заби. Научниците сега знаат дека птиците еволуирале од теропод диносаурусите, месојадни ѕверови како што е Тираносаурусот рекс, кој имал остри заби. Досега, никој не знаел што точно се случило со забите при еволуцијата на овие животни.

Во новото истражување, научниците се прашувале дали птиците ги изгубиле забите при еден настан, односно дали заедничкиот предок ги изгубил забите, или пак, губењето се случило постепено и независно во различните генрации на птици низ историјата.

За таа цел, тие ги истражувале гените кои управуваат со создавањето и растењето на забите. Кај ’рбетниците, шест гени учествуваат во формирањето на забите, односно во формирањето на енамелот (цврстото ткиво кое ги обвиткува забите) и дентинот (калцифираната материја под него).

Истражувачите барале мутации на гените кои би можеле да ги деактивираат овие шест гени во геномите на 48 видови на птици. Откриле дека сите видови на птици ги имале истите мутации во гените. Тие исто така ги откриле истите мутации поврзани со енамелот и дентинот и кај други ’рбетници што немаат заби како што се желките, мрзливците, мравојадите и др, наспроти присуството на сите шест гени кај алигаторот, кој претставува најблизок модерен роднина на птиците.

Ова откритие е само едно од многуте добиени од огромното научно истражување за еволуцијата на птиците. Пронајдоците се објавени во весникот „Science“.

Поддржете ја нашата работа: