Звукот на вселената

Вселената звучи навистина чудно! Слушнете ги овие звучни сигнали снимени во стратосферата, околу 35 километри над површината на Земјата.

На фреквенции пониски од 20 херци, овие т.н. „инфразвуци“ се премногу ниски за човечкото уво да ги чуе. Но, со забрзување од фактор 1000, тие звучат како нешто од „Досиеја Икс“, вели Даниел Боуман, дипломиран студент по геофизика на Универзитетот во Северна Каролина во Чапел Хил и водачот на истражувањето.

Боуман прикачил микрофони на балон од хелиум и го испратил на 9-часовен лет над Ново Мексико и Аризона. Истражувањето е спроведено како дел од студентската програма за големи височини на НАСА. Сето тоа се случило на 9 август 2014 година.

Ова не е прв пат да се направат снимки од атмосферски инфразвуци, но во претходните обиди снимките биле направени на Земјата и дополнителната бучава наоколу претставувала проблем.

„Решив да ставам микрофони на балони за да ја намалам бучавата од ветерот (балоните се движат со иста брзина како и ветерот). Сакав да видам дали можам да најдам звуци кои не достигнуваат до Земјата“, изјави Боуман за „Huffington Post“.

Тој и неговите колеги се’ уште се обидуваат да ги интерперетираат звуците, но имаат неколку претпоставки. Ако мислевте дека се звуци од вонземјани – се лажете. Научниците сметаат дека најверојатно се работи за нешто што се случува далеку (како на пр. авиони, турбуленции во воздухот, бранови во Атланскиот Океан, па дури и клима уреди на зградите) и нешто што се случува во близина (како на пр. вибрирањето на каблите на балонот или космичките зраци кои се удираат од сензорот). Нема докази кои укажуваат на тоа дека овие звуци се од вонземски извори. Звукот не може да патува во вселената, па она што го предизвикува мора да се наоѓа на растојание од околу 140км. од површината на Земјата, објаснуваат научниците.

Истражувањето беше презентирано на годишната средба на сеизмолошкото друштво на Америка во Пасадена, Калифорнија.

Поддржете ја нашата работа: