Археолози пронашле остатоци од неандарталци во пештера во близина на Рим

Археолози открија остатоци од девет неандерталци во пештера недалеку од Рим, објави во саботата италијанското Министерство за култура.

Во соопштението се вели дека осум остатоци датираат од пред 50 000 и 68 000 години, а еден, најстариот, од пред 90 000 и 100 000 години.

Остатоците се пронајдени во праисториските пештери на Грота Гатари, откриени пред повеќе од 80 години, а се наоѓаат на околу 100 метри од брегот на Тиренското Море во регионот на Лацио, пренесува Ројтерс.

Коски, черепи и други делови од телата, пронајдени на локацијата може да се видат на видеата кои се објавени од страна на Министерството.

Неандерталецот е име за посебен вид праисториски човек кој ја населувал Европа и дел од Азија и изумрел пред околу 40 000 години. Не е познато што ги убило, иако теориите наведуваат дека истребувањето се случило поради неможноста да се прилагодат на климатските промени и зголемената конкуренција од современите луѓе.

Ако ги земеме предвид другите остатоци пронајдени порано на истото место, вкупно 11 лица беа пронајдени во Грота Гатари. Грота Гватари е едно од најважните места во светот кога станува збор за историјата на Неандертал.

Таму се пронајдени и остатоци од животни, вклучително и ауроши, големи изумрени говеда.

Поддржете ја нашата работа: