15 години истражувања на мозокот може да се поништат поради грешка?

Една нова студија сугерира дека може да постои сериозен проблем со истражувањата на активноста на човечкиот мозок во последните 15 години, поради грешка во софтверот на машината за функционална магнетна резонанца, што би можело да ги поништи резултатите од околу 40.000 истражувања.

Тоа е премногу, бидејќи функционалната магнетна резонанца (ФМР) е една од најдобрите алатки која ја мери активноста на нашиот мозок, а ако има грешка во софтверот тоа значи дека сите досегашни заклучоци за изгледот на нашиот мозок додека вежбаме, се вљубуваме, користиме дрога и слично, се погрешни.

„И покрај популарноста на ФМР како алатка за мерење на активноста на мозокот, статистичките методи кои се користат ретко се потврдени со вистински податоци и факти“, велат истражувачите од Шведска, предводени од Андрес Еклунд.

Главниот проблем овде е во тоа како научниците го користат скенирањето на ФМР за да пронајдат искри на активност во одредени делови на мозокот. Откритијата кои ги добиле со помош на оваа алатка се фасцинантни, но факт е дека кога научниците ги толкуваат податоците од машината за ФМР, тие всушност не гледаат во вистинскиот мозок. Како што вели истражувачот Ричард Чиргвин за The Register“, она што тие го гледаат е слика од мозокот поделен на мали „воксели“, кои потоа се толкувани од страна на компјутерска програма.

„Софтверот, за разлика од луѓето, ги скенира вокселите во потрага по кластери“, вели Чиргвин. „Кога научниците велат дека знаат кога ќе ја придвижите раката, овие слики го докажуваат тоа“, односно научниците го толкуваат тоа што им го кажува статистичкиот софтвер“.

За да се тестира колку навистина е добар овој софтвер, Еклунд и неговиот тим земале податоци од ФМР на 499 здрави луѓе ширум светот, кои ги поделиле на 20 групи и ги мереле една во однос на друга за да се добијат барем 3 милиони случајни споредби.

Потоа ги тестирале трите најчести софтверски пакети за анализите со функционална магнетна резонанца и откриле дека софтверот резултирал со лажно-позитивни стапки до 70% од резултатите.

Токму тоа е и проблемот, бидејќи тимот очекувал да види просек од лажно-позитивни стапки од само 5%, што исто така укажува дека некои резултати биле неточни и можеби покажувале активност на мозокот каде што таква активност воопшто не ни постоела.

fmri-scanss_1024

„Овие резултати се сомневаат во валидноста на околу 40.000 студии кои можат да имаат големо влијание врз интерпретацијата на резултатите од невровизуелизација“, велат научниците.

Лошите вести се тоа што една од грешките која ја идентификувал тимот се наоѓала во системот 15 години наназад, што објаснува колку многу истражувања би можеле да бидат поништени.

Грешката била коригирана во мај 2015 година, но фактот дека не била детектирана 15 години покажува колку е лесно да се случи вакво нешто, бидејќи истражувачите немале конкретни методи за оценување на резултатите од ФМР.

Откога ФМР машините се пуштени во употреба, невролозите и психолозите се соочиле со многу предизвици за да ги потврдат добиените резултати. Една од најголемите пречки се трошоците за користење на овие машини кои изнесуваат околу 600 долари од час, што значи дека студиите се лимитирани на минимални примероци до  најчесто 30 учесника и многу малку организации имаат средства да ги повторат експериментите за да се докажат добиените резултати.

Другиот проблем постои затоа што софтверот ги толкува податоците од скенирањата на ФМР, така што добиените резултати се исто толку добри колку што е и компјутерот, а програмите коишто се користат за проверка на резултатите се многу бавни.

Но, добрите вести се дека резултатите од функциналната магнетна резонанца сега се достапни на интернет за истражувачите да можат да ги користат, па затоа нема потреба да се плаќа за добивање на нови резултати.

fmri-2

Одејќи напред, работите изгледаат попозитивни, но што со оние 40.000 истражувања?

Откако минатата година дознавме дека истражувачите направиле обид да ги реплицираат резултатите од 100 психолошки студии, и половина од нив не биле успешни, гледаме се повеќе докази дека во моментов  науката се соочува со проблем што тие го нарекуваат „репликациска криза“, па можеби сега е конечно време тоа да се промени.

За жал, повторувањето на нечив друг експеримент по втор, трет или четврт пат не е нималку возбудливо како правењето на сопствен експеримент за прв пат, но студиите како оваа ни покажуваат зошто потврдувањето на експериментите не смее да се одолговлекува.

Поддржете ја нашата работа: