Крварењето од нос воопшто не е пријатна појава. Кога првпат ќе се случи, крварењето од нос може да биде прилично застрашувачки со оглед на тоа дека крвта едноставно почнува да се слева од носот без некоја видлива причина. Кај некои лица, крварењата се случуваат уште од раното детство, додека кај некои никогаш не се јавуваат. Крварењето (што стручно се нарекува епистакса), главно потекнува од предниот или задниот дел на носот.
Крварењата од предниот дел на носот се почести и најчесто се јавуваат поради иритација на крвните садови на носната преграда. Носната преграда ги дели двете ноздри и често пати е искривена. Се проценува дека околу 80% од луѓето имаат некаква девијација на носната преграда. На носната преграда се наоѓа дел што се нарекува Киселбахов плексус, кој претставува место каде се спојуваат четири различни артерии, создавајќи мрежа од крвни садови. Иритацијата на овој дел, предизвикана од силно дување на носот, сув воздух или чепкање на носот, може да предизвика пукање на крвните садови што резултира со крварење од носот, но понекогаш е можно крвта да се слева назад кон грлото. Намалувањето на влажноста и температурата за време на зимскиот период, доведува и до намалување на влажноста на носната слузница, па затоа и крварењата во овој период се почести.
За да се сопре крварењето се препорачува цврсто да се притиснат двете ноздри една до друга околу 10 минути. Ова ќе помогне крвта да се згрутчи и да се сопре крварењето. За време на ова, главата треба да биде наведната нанапред, бидејќи во спротивно, крвта ќе се слева назад кон грлото.
Крварењата кои потекнуваат од задниот дел на носот се многу поретки и најчесто се јавуваат во склоп на некоја веќе постоечка здравствена состојба или кај лица кои земаат лекови што влијаат на згрутчувањето на крвта.