Верувале или не, се’ уште постојат некои многу едноставни нешта за чистотата за кои повеќето луѓе не се свесни. Ги издвојуваме 5-те најчести заблуди за хигиената.
1.Сапунот ги убива бактериите
Иако веруваме дека сапунот ги уништува бактериите на нашите раце, тој не го прави тоа. Обичниот сапун всушност ги одвојува бактериите од површината на нашата кожа и преку водата ги испраќа во одводот. Значи, освен ако не користите антибактериски сапуни, не ги уништувате бактериите, туку само ги префрлате на друго место.
2.Косата се мие секој ден
Ова можеби е прашање на личен избор, но косата не треба да се мие секој ден. Тоа, всушност, може да биде штетно за вашата коса, бидејќи шампонот ги отстранува природните масла (себум) па секојдневното миење може да ја направи вашата коса сува и кршлива.
Покрај тоа, отстранувањето на природните масла предизвикува масните жлезди да компензираат со произведување на повеќе масла, што резултира со масни корени. Значи, потребно е да најдете одреден баланс – на пример, мијте ја косата на секој втор или трет ден.
3.Јавните тоалети се навистина нечисти
Иако најверојатно се релативно нечисти, тоа не значи дека ќе се заразите со некоја бактерија од нив. Повеќето бактерии преживуваат на површината на вц-школката многу кратко време, па не е веројатно дека може да предизвикаат инфекција. Прочитајте повеќе на Енаука.мк – Дали седнувањето на вц-школката во јавните тоалети е опасно по здавјето?
4.Потта ја предизвикува непријатната миризба под пазувите
Ова не е точно! Самата пот нема мирис, бидејќи во најголем дел е составена од вода. Миризбата всушност потекнува од бактериите на нашата кожа кои ја разложуваат потта. За подетални информации, погледнете го видеото.
5.Дезинфекциските средства ги уништуваат бактериите
Неодамнешните истражувања покажуваат дека антибактериските средства не функционираат како што мислиме, и дека дури всушност може да ја поттикнат инфекцијата. Покрај тоа, големата употреба на антибактериски производи доведува до отпорност на бактериите, што претставува голем проблем, особено кога бактериите ќе развијат отпорност на антибиотиците.
Едно истражување ги преиспитува ефектите на триклосан – најчестата антисептичка состојка во сапуните) и вели дека не се забележани значителни антибактериски ефекти за време на краткиот период потребен за миење на рацете. Па, можеби обичниот сапун е сепак подобриот избор.