5 помалку познати факти за рчењето

Според „Discovery News“, генерално, научниците не знаат зошто рчиме, но една од убедливите идеи е дека тоа е едноставно резултат на човековата еволуција. Гласните звуци можно е да биле одбрамбен механизам на нашите предци, за да ги исплашат ѕверовите, кога спиеле во дивината.

Инаку, звукот при рчењето се создава во задниот дел на устата или увулата, можат да бидат вклучени и јазикот и крајниците. Всушност се работи за опуштање на грлото; кога телото ќе се опушти, меките ткива може да се подигнат што предизвикува воздухот нерамномерно да влегува во телото. Овие воздушни џебови предизвикуваат вибрации на мекото ткиви и звуци.  

Еве и некои други, помалку познати факти што се поврзани со рчењето.

Показател на лошо здравје и однесување

Во едно истражување од 2013 година, објавено во „JAMA“, рчењето се нарекува „не така тивок убиец на здравјето“. Рчењето може да влијае на здравјето на  срцето. Истражувачите од болницата „Хенри Форд“ во Детроит откриле дека рчењето може да претставува првиот знак за кардиоваскуларни оштетувања.

Кај децата, рчењето може да е показател за лошо однесување во иднина. Истражувањата покажале дека децата што рчат, многу е поверојатно дека подоцна ќе развијат хиперактивно растројство, како и емоционални проблеми, меѓу кои и анксиозност и депресија. Според еден извештај од Институтот за медицински истражувања од Мелбурн, се верува дека рчењето често ги буди децата, што влијае на нивното учење и однесување.

Во вселената не се рчи

Недостатокот на гравитација допринесува астронаутите во вселената помалку да рчат. Според хирургот д-р. Ј. Д. Полк, помалку гравитација, значи и помалку опструкции на дишните патишта.

„На Земјата рчењето се случува кога гравитацијата го повлекува јазикот и меките ткива од задниот дел од устата наназад. Кога дишните патишта се делумно опструирани, доаѓа до тие треперења во ткивата. Во услови на микрогравитација, вилицата и јазикот не се повлекуваат наназад кон грлото, затоа во вселената има помалку опструкции“- вели тој за „ABC News“.

Некои луѓе рчат гласно како дупчалки

Според „Discovery News“, јачината на звукот при рчењето може да достигне и до 92 децибели што е еднакво на звукот на дупчалка. Но, во „The Daily Mail“ опишан е случај на жена која рчи со 111,6 децибели, што е за осум децибели погласно од звукот на нисколетечки авион.

Гласното рчење може да биде предзнак за метаболички синдром. Едно истражување објавено во списанието „Sleep“ покажува дека проблемите со спиењето може да доведат до развој на овој синдром што е клучниот ризик фактор за појава на срцеви заболувања.

Ризик по здравјето на новороденчето

Жените што рчат три или повеќе ноќи во текот на неделата имаат поголема веројатност да родат со царски рез и да имаат помали бебиња, покажало едно истражување направено од Универзитетот Мичиген во 2014 година. Истражувањето било направено на 1.637 бремени жени, од кои 35 проценти редовно рчеле. И жените кои почнале да рчат откако забремениле биле изложени на зголемен ризик од висок крвен притисок и прееклампсија.

Соби за рчење – вистинска работа

Рчењето ги охрабрува партнерите да спијат во одвоени спални соби, тоа е познато. Рчењето е причина што 30 до 40 проценти од паровите решаваат да спијат одвоено – според „Huffington Post“. Но дали сте знаеле дека некои парови навистина прават соби за рчење?

Познатиот актер Том Круз, наводно, изградил соба за рчење за својата бивша сопруга Кејти Холмс (според „NBC News“) што всушност претставува одвоена соба која на некој начиен е поврзана со спалната, на пример преку бања. Ваквите соби се градат така да можат да ги апсорбираат звуците и буката.

Поддржете ја нашата работа: