Дали дремката ги подобрува мемориските перформанси?

На сите ни е познато она дека ако ја ставиме книгата под перница ноќта пред полагањето на испитот, знаењето некако магично ќе ни се префрли во мозокот. Многумина од нас можеби и го применувале ова суеверие.

Сега, невропсихолозите од Универзитетот во Сар, Германија, покажуваат дека можеби има и некоја вистина во тоа. Тие велат дека дури и кратката дремка од 45 до 60 минути може значително да ја подобри меморијата, односно зачувувањето на научените информации во меморијата.

Тимот на истражувачи ја испитувал меморијата на 41 учесник. Волонтерите требало да научат одредени зборови и парови на зборови и потоа биле тестирано колку многу информации можат да запомнат. На половина од нив им било дозволено да спијат, а половина гледале филм. Потоа повторно биле тестирани и оние кои дремнале запамтиле значително повеќе парови на зборови.

Поточно, мемориските перформанси на онаа група која спиела, по дремката биле исто толку добри како и пред дремката, што значи дека не се подобриле веднаш по неа, туку останале константни, за разлика од оние на другата група кои се влошиле.

Истражувачите особено се фокусирале на улогата на хипокампусот – делот од мозокот каде што се консолидираат мемориите, односно претходно научените информации се пренесуваат во долгорочната меморија и испитувале одреден тип на мозочна активност (sleep spindle).

„Кога луѓето се наоѓаат во средина каде што треба нешто да научат, треба сериозно да размислиме за позитивните ефекти на спиењето. Концентриран период на учење проследен со кратка релаксирачка дремка е сè што ни е потребно“, истакнуваат истражувачите.

Резултатите се објавени во „Neurobiology of Learning and Memory“.

ЕНаука.мк
Ви благодариме за секоја ваша поддршка , донација и сугестија BTC=15qk6EUHTeHF9Y6mava8sJFcJVpWXAidK6 DOGE=DNQUB9HjQKpW353XsG44D9X34JhD5YcCXm ETH=0x760607ca70be5720f68c848ede4dd3bc530e032c SOL=E7xEBsmHDcZ7VPzU7ZFYY34mpbpZxnMtRA9nTytDAmJt