Дали газираната вода е штетна за забите?

Познато е дека газираните слатки сокови не се добри за здравјето на забите, но што е со газираната вода? Дали таа е добра или лоша за забите?

Газираната вода претставува обична вода во која е растворен јаглероден диоксид (карбонизација -што ги дава меурчињата). Иако не содржи шеќер, како другите газирани пијалоци, газираната вода сепак содржи јаглеродна киселина и во зависност од pH- нивото, со време може да ја оштети глеѓта на забите. Генерално, стоматолозите се сложуваат дека газираните води се разликуваат бидејќи содржат и други различни состојки, како сол, натриум цитрат, калиум цитрат и други адитиви.

Една студија од 2007 година покажала дека газираните води кои имаат додатоци за вкус,  се кисели и се „потенцијално ерозивни“ за забите. Изложувањето на забите на вакви води во период од 30 минути резултира со корозивни оштетувања на забите, слично како и сокот од портокал. Иако овошјето е добро за телото, тоа не е секогаш толку добро кога се работи за забите. Сепак овие оштетувања се многу мали – би требало да испиете многу газирана вода (или да изедете многу портокали) за навистина да ги оштетите забите.

Друга студија пак, покажала дека газираните води, генерално се прилично безбедни за пиење. И покрај мислењето дека карбонизацијата е штетна за коските, неодамнешните истражувања покажале дека газираните води не ја намалуваат густината на коските, за разлика од ваквите негативни ефекти што ги имаат газираните сокови.

Сепак, можеби најдобро е после пиење на газирана вода, да се напите и малку обична вода. Веројатно најдобрата работа кај газираната вода е тоа што го хидрира телото исто како и обичната вода. Луѓето кои имаат тенденција да се хидрираат преку конзумирање на газирани сокови или кафе, подобро би било се „префрлат“ на газирана вода, како поздрава алтернатива, а за подобрување на севкупното здравје, најдобро е потполно да се откажат од засладените газирани пијалоци.