Голем внес на ултрапреработена храна може значително да го зголеми ризикот од тешки срцево-садови настани, покажува ново истражување претставено на годишната научна сесија на Американскиот колеџ за кардиологија (ACC.26).
Според анализата, луѓето кои јаделе повеќе од девет порции дневно имале 67% поголема веројатност да доживеат срцев удар, мозочен удар или смрт поврзана со коронарна болест, во споредба со оние што внесувале околу една порција дневно.
Што спаѓа во ултрапреработена храна?
Оваа група опфаќа многу производи што често ги гледаме на рафтовите:
- чипс и крекери
- замрзнати готови јадења
- преработено месо
- слатки пијалаци
- житни појадоци
- индустриски леб и печива
Истражувањето, предводено од д-р Амиер Хајдар од Универзитетот во Тексас во Хјустон, покажало дека ризикот расте постепено со секоја дополнителна дневна порција. Секоја нова порција била поврзана со понад 5% поголем ризик од срцеви и мозочни удари или смрт.
Голема студија во разновидна американска популација
Едно од важните обележја на ова истражување е што вклучува 6.814 возрасни лица на возраст од 45 до 84 години, без претходно позната срцева болест, од повеќе етнички групи. Научниците користеле прашалници за исхрана и го примениле NOVA системот, кој ги дели храните според степенот на преработка — од минимално преработени до ултрапреработени.
Најголемите потрошувачи просечно јаделе 9,3 порции дневно, додека најниската група внесувала само 1,1 порција. Разликата во исходот била јасна: колку е поголем внесот, толку е поголем и ризикот.
Ризикот не се објаснува само со калории
„Го контролирафме внесот на калории, квалитетот на исхраната и познатите ризик-фактори како дијабетес, висок притисок, висок холестерол и дебелина — и ризикот остана приближно ист“, рече Хајдар.
Тоа значи дека штетата не е само прашање на калории. Начинот на кој храната е обработена може сам по себе да игра улога во здравјето на срцето.
Нееднаквости и можни причини
Студијата забележала и дека зголемувањето на ризикот по една дополнителна порција било поголемо кај црните Американци. Истражувачите укажуваат дека маркетингот насочен кон одредени заедници и ограничениот пристап до свежа, помалку преработена храна може да придонесат за оваа разлика.
Како да се намали ризикот?
Научниците советуваат повнимателно читање на етикетите и избор на храна со помалку додаден шеќер, сол и заситени масти. Подобри опции се:
- обична овесна каша
- јаткасти плодови
- грав и мешунки
- свежо или замрзнато овошје и зеленчук
Американскиот колеџ за кардиологија во 2025 година поддржа и стандардизиран систем за јасно означување на пакувањата, со цел здравите избори да бидат полесно видливи и подостапни за сите.
Истражувањето е објавено во списанието JACC Advances.
































