Често, се претпоставува дека ако едното дете во фамилијата има алергија на одреден вид на храна, истата ќе се појави и кај останатите деца, односно негови браќа или сестри. Според прелиминарните истражувања презентирани на годишниот научен собир на Американскиот колеџ за алергија, астма и имунологија, тоа не е така.
Истражувањето, презентирано од главниот истражувач д-р Рачи Гупта, ги анализирало стапките на алергија на храна кај лицата чии браќа или сестри биле дијагностицирани со алергија и открило дека истата се покажала во некоја своја верзија само кај помалку од 1 наспрема 6 случаи. Малку повеќе од половина покажале некаков степен на чувствителност на храна, но тоа не значи дека тие се алергични. Доколку нема никаква алергиска реакција, а се направи тестирање, резултатите може да бидат лажно позитивни. Децата што покажуваат некаква чувствителност на одредена храна не треба да се етикетираат како алергични.
Гупта и колегите анализирале податоци од 1.120 лица, на возраст до 21 година. 13,6% од браќата односно сестрите биле позитивни на различните тестови за алергија кои им биле направени и имале документирана алергиска реакција на одредена храна 2 часа по конзумирањето, додека 53% имале позитивни резултати, но немале никаква реакција. Алергиската реакција вклучувала осип на кожата, отежнато дишење, повраќање и сл. Храната за која биле тестирани вклучувала кикирики, јајца, млеко и сл.
Најчестата алергија била на млеко (5,9%), додека браќата и сестрите покажувале најголема чувствителност на пченица (36,5%). Единствените варијабли кои биле поврзани со развивањето на алергијата биле претходните истории на астма и егзема. Токму затоа, истражувачите сметаат дека би било паметно да се тестираат овие групи на луѓе, а не препорачуваат рутинско тестирање на браќата или сестрите на лицата на кои им е потврдена алергијата. Во секој случај, потребни се подетални истражувања за да се утврди точното влијание кое браќата и сестрите го имаат во однос на ризикот од алергија на храна.
Доколку сакате да дознаете повеќе за алергиите ЕНаука.мк ви препорачува неколку одлични статии:
Дали загадениот воздух ги засилува алергиите ?