Антибактериските сапуни предизвикуваат повеќе штета отколку корист?

Додека употребата на антибактериски сапун е корисна во одредени ситуации, кога се работи за секојдневната употреба тој може да има повеќе штета отколку корист. Ова е заклучокот од се’ поголем број на истражувања кои фрлаат сомнеж на овие сапуни, па така сега Американската агенција за храна и лекови (FDA) бара повеќе податоци од произведувачите на антибактериските сапуни за да може да донесе конечна одлука.

Антибактериските сапуни веќе неколку години се под непосредна контрола, а на некои места во САД дури е и забранета нивната употреба. Некои истражувачи велат дека хемикалиите во овие производи предизвикуваат бактериите да мутираат и да станат поотпорни.

Кога на ова ќе се додаде и фактот дека антибактерискиот сапун всушност ги чисти рацете исто како и нормалниот сапун, јасно е зошто истражувачите велат дека може да предизвика повеќе штета отколку корист.

Едно истражување на глувци покажало дека мајката глушец која била изложена на триклокарбон – хемикалија која се наоѓа во антибактериските сапуни, ја пренела истата на своето потомство. Покрај тоа, оваа хемикалија ги менувала микробиомите и на мајката и на бебињата, што е загрижувачко, со оглед на тоа колку се важни внатрешните бактерии за здравјето.

Уште една сомнителна хемикалија која се наоѓа во антибактериските сапуни е триклосан. Едно истражување од 2014 година покажа дека изложеноста на триклосан може да ги направи и луѓето и глувците поподложни на бактериите „Staphylococcus“.

Доколку ова не се доволно лоши вести за антибактериските сапуни, има и други истражувања кои го покажуваат нивното влијание на пошироката средина.

Две неодамнешни истражувања покажуваат дека и триклосанот и триклокарбанот ја намалуваат ефикасноста на микробиолошките заедници во организмот, што предизвикува бактериите да станат поотпорни на лекови.

Се очекува Американската агенција за храна и лекови да донесе одлука во септември за тоа дали овие хемикалии треба да се забранат при производството на антибактериските сапуни. Целта на научниците е да се забави ширењето на бактериите отпорни на антибиотици.

Поддржете ја нашата работа: