Асиметријата на човечкото тело

Како општество, ние високо го цениме симетричниот изглед како знак на убавина, но и асиметријата, со својата несовршеност, може да биде извонредно привлечна. Треба да се знае дека и луѓето не се симетрични битија.

Во најновото видео на  „TED-Ed“, со наслов „Зошто човечкото тело е асиметрично“, водителот Лео Ван, објаснува дека иако човечкото тело однадвор изгледа симетрично, повеќето витални органи се поставени асиметрично.

Оваа асиметрија е поврзана со теоријата која се фокусира на ембрионалниот јазол. На јазолот се наредени тенки влакненца наречени цилии (трепки) кои ротираат 10 пати во секунда во иста насока – вели Ван. Оваа синхронизирана ротација ја турка течноста од  десната страна на ембрионот кон левата.

На левиот раб на јазолот, други цилии го забележуваат ова движење и почнуваат да активираат специфични гени на левата страна на ембрионот. Овие гени ги насочуваат клетките да создаваат одредени протеини, што предизвикува левата и десната страна од ембрионот да бидат хемиски различни, иако сѐ уште изгледаат исто.

Овие хемиски разлики се тие што водат до првата видлива асиметрија – срцето. На почетокот тоа е една едноставна цевка, но околу третата недела од староста на ембрионот, тоа се испакнува на лево. Во срцето почнуваат да се развиваат различни структури на секоја страна, за да се создадат коморите и крвните садови неопходни за пумпање на крвта.

Во меѓувреме и другите големи органи почнуваат да се движат. Желудникот и црниот дроб се движат во насока на вртење на часовникот и се оддалечуваат од средната линија кон нивната крајна положба. На десната страна на дебелото црево расте апендиксот (слепото црево). На десното белодробно крило се развиваат три лобуси, а на левото само два. Овие видливи променени се јавуваат после долго време откако во ембрионот се развиле разликите на неговата лева и десна страна.

Основните градбени блокови во човечкото тело, како нуклеинските киселини, протеините  и шеќерите, по својата природа се асиметрични. Протеините, кои имаат комплексни асиметрични форми, го контролираат начинот на кој овие клетки мигрираат и на кој ембрионалните цилии се вртат. Овие биомолекули имаат својство што се нарекува хиралност – што значи дека молекулите и нивната слика во огледало не се идентични. Земете ги на пример нашите раце – ако се обидеме нашата лева дланка да ја ставиме во десна ракавица, веднаш ќе ја воочиме разликата.

Поддржете ја нашата работа: