Технолошките иновациите, особено кога се работи за развојот на батериите доведоа до тоа тие денес да можат да се изработуваат од лимон, домат, од портокал, или од неколку монети.
Но сега, благодарение на модерната наука, ќе може да се направи батерија која се полни со помош на плунка.
Се работи за уред развиен од истражувачите од Универзитетот Бингамтон, кој може да се активира со една капка од плунка, при што се генерира електрична енергија доволна за напојување на ЛЕД светилка околу 20 минути.
„Батеријата вклучува специјализирани бактериски клетки, наречени егзоелектрогени, кои имаат способност да ги собираат надворешните електрони на електродата.Бактериските клетки до употребата се замрзнати. Батеријата може да се користии и во екстремни климатски услови, како на пример во пустина, а сѐ што ви треба е органска материја со која ќе се рехидрираат и активираат замрзнатите клетки“- вели Сеокун Чои, професор по компјутерски науки на Универзитетот Бингамтон еден од истражувачите.
Егзоелектрогените претставуваат микроорганизми кои имаат способност да пренесат електрони надвор од нивниот клеточен ѕид, на електродата.Во оваа батерија плунката има две функции- ги буди замрзнатите клетки и обезбедува храна за микроорганизмите.Таа почнува да создава енергија само по неколку минути откако на неа ќе се стави плунката. Батеријата е направена од само неколку материјали, меѓу кои хартија, јаглерод и восок за печатење.Ова,според Чои е прва батерија на база на хартија која се активира со телесни течности.
Батеријата може да се користи за напојување на разни медицински помагала, како тестови за бременост, за ХИВ, за одредување на шеќер во крвта и сл, што ќе биде од особена корист за земјите во развој кадешто луѓето не можат да си дозволат конвенционални батерии.
Освен со плунка, батеријата може да се активира и со било кој друг извор на органски материјал, вклучително и неколку капки нечиста вода.
Трудот објавен во списанието „Advanced Materials Technology“.