Уредот е со големина на пинг-понг топче, кое се поставува на кожата и вади мали количини на крв за време од две минути. За тоа време, слабиот вакуум во уредот овозможува примероците од крвта да се соберат во цевче прикачено на самиот уред, кои потоа може да се испратат или да се предадат во лабораторија. Корисниците велат дека целиот процес е речиси целосно безболен.
„Технологијата е заснована на силите кои го регулираат малиот проток на течноста. Во овие размери површинскиот притисок доминира над гравитацијата и ја одржува крвта во каналот, независно како го држите уредот“- велат истражувачите.
Засега, уредот може да извади 0,15 кубни сантиметри крв, што е доволно да се направи анализа за холестерол, инфекции, канцерски клетки и шеќер во крвта – во основа сѐ што се тестира во една модерна лабораторија.
Иако дијабетичарите мора да се тестираат и по неколку пати на ден, истражувачите истакнуваат дека тие не се нивна примарна цел, со оглед на тоа дека овие тестови не се скапи и се помалку болни. „Нашата специјалност ја гледаме во луѓето кои имаат потреба од повремени тестирања, како на пример при следењето на ракот или хроничните инфективни болести. Наместо купување на скапа опрема, ние ви го испраќаме уредот и по две минути откако ќе го ставите на рака, може да го испратите назад во лабораторија“ – објаснуваат истражувачите.
Уредот ќе им помогне на луѓето што се плашат од вадење крв, а ќе се заштеди и времето што е потребно да се отиде до лабораторија.
За да го усоврши уредот, компанијата „Тассо“ добила и додатни 3 милиони долари од Агенцијата за напредни истражувачки проекти (DARPA) на САД.
Ако се помине добро, истражувачите ќе ја поднесат својата апликација до Администрацијата за храна и лекови до крајот на 2015 година, а на пазарот би требало да се појави во текот на 2016 година.