И пред да го започнете маратонскиот викенд, еве 7 работи што дефинитивно треба да ги знаете (доколку нешто сте пропуштиле).
Френк Андервуд
Шармантниот, безкруполозен Френк, успеа да го добие мнозинството гласови за претседател откако претходно го симна од престолот Гарет Вокер. Ги изложи неговите Занакс рецепти и неговите врски со перење пари во кои беа вклучени кинескиот бизнисмен Ксандер Фенг и милијардерот Рејмонд Туск. Дефинитивно треба да погледнете колку само беше потресен кога претседателот поднесе оставка.
Клер Андервуд
Клер Андервуд имаше некои интересни подеми и падови во сезона 2. Се сеќавате, таа го разгоре односот со фотографот Адам Галовеј по аферата на Франк со новинарката Зои Барнс. Клер открива дека била силувана од одликуван армиски генерал и кога на ТВ интервју ја прашаа дали имала абортус, таа го поврза со силувањето. Клер и првата дама станаа активисти за правата на жените, но нејзините планови добија контра ефект кога Туск објави информации за нејзината афера со Галовеј. И да, за малку ќе го уништеше сопругот.
Зои Барнс
Амбициозна, млада новинарка. Паметна, ама не доволно. Љубовница на Френк и имаат договор професионално да си помагаат. Арно ама, Френк ќе ја турне под воз, откако таа ќе почне да ја истражува смртта на Питер Русо. Извинете за спојлерот, ама помина доста време.
Лукас vs Гевин
Зои имаше врска со поранешниот колега Лукас Гудвин, кој почна максимално да ги истражува сомнителните околности на нејзината смрт. Така навлезе во длабока и црна интернет дупка во потрага по Андервуд заговори и на крајот беше контактиран од страна на хакерот Гевин (интересен лик со неверојатна љубов кон миленичето, морско прасе). Гевин подоцна се изложува како информатор на ФБИ, а Лукас е осуден за сајбер тероризам. Од тогаш не сме го виделе. Што мислите, како ќе се одмазди?
Скарата на Фреди
Несреќата на Фреди е можеби еден од најтажните моменти во серијата. Буквално, ни крив ни должен, му го уништија животот. А баш делуваше дека Френк се грижи за него.
Стампер е мртов. Можеби.
Десната рака на Френк, Даг Стампер се заљуби и стана малку опсесивен. Имено негова задача беше да не ја испушта од вид Рејчел Поснер, поранешна проститутка и пион во уништувањето на Русо (сезона 1). По нејзиното релоцирање, тој почна да добива испади на љубомора, па дури и да ја принудува да ја остави својата девојка Лиза. Кога повторно се обиде да ја пресели, Рејчел се исплаши за својот живот и неколку пати го удри со камен по главата. Дали тој ќе се врати?
Нова сезона, стари проблеми
Сигурно е дека мрежата на тајни, борбите за моќ и смртоносните злосторства ќе продолжат во Сезона 3, но исто така се очекува „свежо месо“ и нови политички прашања. Најголем непријател на Франк во сезона 2 беше Рејмонд Туск, но овој пат тој ќе се справи со рускиот лидер Виктор Петров. И според гласините, бракот на Клер и Френк малку е климав. Во трејлерот за сезона 3, Клер го прашува Френк: „Јас почнувам да се сомневам во се ова, Френсис. Која е поентата? “