Дали играњето „Покемон Го“ е добро за здравјето?

Новата игра на Нинтендо – „Покемон Го“ (анг. Pokemon Go) за многу кратко време стана популарна низ целиот свет. Играчите кои се познати како тренери мораат да бараат и да фаќаат Покемони на различни места и да дојдат до одредени локации наречени Покестаници каде што собираат Покетопки, Покејајца и други корисни материјали. Според Мат Хофман, доктор и клинички асистент професор на A&М Факултетот за медицински сестри при Универзитетот во Тексас, оваа потрага по Покемони е добра за нашето здравје бидејќи за ловењето на Покемони и стигнувањето до Покестаниците е потребно пешачење – многу пешачење.

„Оваа игра е многу забавна и ги поттикнува луѓето да се движат“, вели Хофман кој веќе го добил прекарот „Покемон Професор“ од своите колеги.

Тој самиот ја игра играта и вели дека поминува еден до два часа во пешачење додека бара Покемони, а за да изведе едно јајце пешачи помеѓу 1 и 10 километри. Така, тој како резултат на играта вежба повеќе од порано, а воедно и ужива во неа.

Хофман не е единствениот кој го прави ова. Според проценките, бројот на дневните корисници на играта се движи од 9 до 21 милиони луѓе, и оваа бројка секојдневно се зголемува. Покрај поттикнувањето на физичка активност, односно пешачење, оваа игра може да има и други дополнителни придобивки.

Хофман вели дека оваа игра ги поврзува луѓето, овозможувајќи можност за социјална интеракција и зголемување на чувството на припадност, што може да има позитивно влијание на нашето емоционално и ментално здравје.

Покрај тоа, „Покемон Го“ ја намалува тензијата која ја предизвикува технологијата помеѓу генерациите. „Ова е релативно ненасилна игра и сум видел цели фамилии кои шетаат наоколу и ја играат“, вели тој. „Може да ги охрабри родителите да излезат надвор со децата кога тие играат, а со тоа да ги тргне од пред телевизорот или од својот дом и да ги поттикне да прошетаат низ соседството“.

Тој вели дека играта го зголемила неговото чувство за љубопитност и познавање на сопственото соседство. Благодарение на играта тој открил делови од своето соседство кои претходно не ги знаел и попатно запознал многу интересни и нови луѓе.

xpokemon-go-2016shutterstock-450974281-18-1468846713.jpg.pagespeed.ic.KixFDp1rbDНо, кога ќе се помножи бројот на играчи со километрите кои треба да ги поминат за да напредуваат во играта, шансите за негативните последици се зголемуваат. Постојано слушаме за луѓе кои паднале од карпа, ги удрил автомобил или доживеале накаква повреда поради тоа што гледале во телефонот и не обрнувале внимание на околината.

Затоа, Хофман истакнува дека играчите мора да внимаваат каде одат и да бидат свесни за својата околина додека играат.

„Запомнете, никогаш не играјте „Покемон Го“ додека возите. Избегнувајте темни изолирани области бидејќи има пријави за играчи кои биле нападнати и ограбени. Исто така, со оглед на тоа што овие летни денови се особено топли, користете крема за сонце и пијте многу вода пред да излезете надвор во најголемите жештини. Ако сте еден од милионите кои ја играат играта, се надевам дека ќе ги фатите сите“, заклучува тој.

Па, што мислите вие? Како вие ја доживувате оваа игра и дали сметате дека има повеќе позитивни или негативни последици?

Поддржете ја нашата работа: