Дали климатските промени се заслужни за падот на Римската Империја?

Научниците од Универзитетот во Нов Јужен Велс, Австралија ги истражувале формациите на варовник во една оддалечена шкотска пештера и откриле уникатен рекорд на климатски варијации (3000 години) кои може да влијаеле на клучни историски настани, вклучувајќи го падот на Римската империја и ширењето на ерата на Викинзите.

Ова истражување на пет сталагмити (формации на карпа) од пештерата е воедно и првото кое користи мерења на пештери за да ги следи промените во климатскиот феномен познат како Северно- атланска осцилација.

Истражувањето потврдило дека за време на средновековниот период помеѓу 1080 и 1430 година, индексот на осцилација бил во невообичаено долга позитивна фаза, што носи повеќе дожд во Шкотска, а посуви услови во западниот Медитеран. Но, покрај тоа, открило дека постоела уште една долга позитивна фаза помеѓу 290 и 550 година, што се совпаѓа со падот на Рим и периодот на зголемена миграција во јужна Европа во Мрачната доба. Потоа следела негативна фаза помеѓу 600 и 900 година, која обезбедила топли и суви услови во северозападна Европа, што пак овозможило проширување на Викинзите на запад.

Индексот на осцилација ги мери разликите во воздушниот притисок помеѓу Исланд и Азорските Острови на португалскиот брег, и претставува рекорд на силата на западните ветрови во Северен Атлантик.

Научниците ги мереле формациите на карпа бидејќи тие биле чувствителни на дожд, а дождот пак кореспондира со индексот на осцилација. Кога индексот е позитивен – има повеќе врнежи. Кога има повеќе врнежи – карпите побавно се формираат. Така, со испитувањето на карпите, научниците успеале да ја откријат климата во пештерата за време на 3000-годишен период (од околу 1000 г. п.н.е. до 2000 н.е.)

Истражувањето е објавено во „Scientific Reports“.

Поддржете ја нашата работа: