Една нова студија покажува дека мигрената најчесто е предизвикана од проблеми со крвотокот, така што наодите можат да помогнат во идните истражувања и третмани за овој вид проблем.
Студијата објавена од страна на „International Headache Genetics Consortium (IHGC)“, може да помогне во решавањето на овој проблем со кој подолго време се соочуваат докторите – без оглед на тоа дали мигрените се предизвикани од васкуларни проблеми (засновани на снабдувањето со крв) или невролошки проблеми (засновани на нервниот систем).
„IHGC“, со помош на истражувачки групи од повеќе од 12 држави, ги анализирале податоците од 22 различни истражувања со геномски варијанти, каде што имало речиси 60.000 случаи на луѓе со мигрена. Вкупно, 38 геномски региони биле поврзани со мигрената, од кои 28 за прв пат.
Овие гени не се само поврзани со мигрената, тие се поврзани и со васкуларните болести, контракцијата на мазните мускули, регулацијата на васкуларниот тонус и функционирањето на артериите.
Овие откритија покажуваат дека голема улога во создавањето на мигрената заземаат васкуларните проблеми, како и проблемите во мускулите.
„Во последната голема студија се пронајдени десетици нови генетски фактори“, вели лидерот на „IHCG“, Арно Палоти. „Поради тоа што сите овие варијанти го менуваат ризикот на несакани последици од болеста само малку, ефектот може да се забележи само кога ќе биде достапна поголема количина на примероци.“
„Овие генетски откритија се првиот конкретен чекор кон развој на персонални третмани за оваа комплицирана болест“, додаде член на тимот, Џон Анкер Зварт од Универзитетската болница во Осло во Норвешка. „Ние докторите знаеме дека лековите кои се ефикасни за одредени пациенти кои боледуваат од мигрена се тотално неефикасни за други со истата болест.“
Претходните студии имаат пронајдено сличности помеѓу гените во мозочното ткиво и мигрената, додека пак тоа не е случај и во оваа студија, како резултат на малкуте примероци од ткива кои биле вклучени во ова истражување, признаваат од тимот.
Научниците исто така откриле дека мигрената е во тесна поврзаност со јонските канали на нервниот систем, кои помагаат во пренесувањето на нервните сигнали, така што ова остава простор за понатамошно истражување.
На крајот на краиштата, се надеваме дека оваа студија, како и понатамошните студии кои ќе се формираат врз база на оваа, ќе доведат до поефикасни третмани за луѓето кои секојдневно се соочуваат со мигрена.
Наодите се објавени во „Nature Genetics“.