Дали повеќе ја користите левата или десната страна од мозокот?

Веројатно сте слушнале како луѓето зборуваат дека спаѓаат во една од групите луѓе кои за размислување повеќе да ја користат или левата или десната страна на мозокот. Во книгите или на телевизија, често пати има тестови кои може да ги направите за да одредите на која група припаѓате. Со оглед на популарноста на оваа идеја дека луѓето за размислување го користат повеќе „левиот“ или „десниот“ мозок, може ќе ве изненади сознанието дека ова е уште еден од митовите поврзани со работата на мозокот.

Што е теоријата на „левиот“ и „десниот“ мозок
Според теоријата на доминација на „левиот“ или „десниот“ мозок, секоја од двете страни на мозокот контролира различни функции. Покрај тоа, се вели дека луѓето повеќе ја користат едната или другата страна. На пример, за лицата кои повеќе ја користат левата страна, се вели дека се логичари, аналитичари и објективни, додека за оние кои ја користат повеќе десната страна се вели дека се повеќе интуитивни, грижливи и субјективни.

Во психологијата оваа теорија се базира на она ште се нарекува фукционална асиметрија на хемисферите.

Па, дали навистина едната страна од мозокот контролира одредени, специфични функции и дали навистина луѓето повеќе ја користат или левата или десната страна од мозокот?

Теоријата за левиот и десниот мозок потекнува од трудот на Роџер В.Спери, добитник на Нобеловата награда во 1981 година. Додека ја проучувал епилепсијата, Спери открил дека ако се прекине „corpus cаllosum“ (структурата која ги поврзува двете хемисфери), може да ги редуцира или елиминира нападите. Но, и по прекинувањето на комуникација помеѓу двете страни од мозокот, кај овие пациенти сепак се забележуваат други симптоми. На пример, многу од овие пациенти не можат да именуваат некои работи кои се процесираат во десната страна на мозокот, но можат да ги именуваат тие кои се процесираат во левата страна од мозокот. Врз основа на овие податоци, Спери предлага дека говорот е контролиран од левата страна од мозокот.

Најновите истражувања покажале дека работата на мозокот ни приближно не е така поделена како што се мислеше. На пример, според истражувањата, способноста за математика кај едно лице всушност е поголема ако двете страни од мозокот работат заедно. Денес, невронаучниците знаат дека двете хемисфери од мозокот работат заедно во изведувањето на голем број различни задачи и дека двете хемисфери комуницираат преку „corpus cаllosum“. Левата хемисфера е специјализирана во изборот на звуците кои ги формираат зборовите и одговорна е за синтаксата на зборовите, на пример, но не е главна кога се работи за процесирање на говорот. Десната страна е одговорна за ритамот на говорот, интонацијата и нагласокот.

Во едно истражување направено на Универзитетот во Јута, биле анализирани повеќе од 1 000 учесници, со цел да се утврди дали повеќе ја користат едната или другата страна од мозокот. Податоците покажале дека и покрај тоа што во некои важни региони активностите биле поголеми, во суштина, активностите во двете страни од мозокот во просек биле еднакви.

„Точно е  дека некои функции на мозокот се јавуваат или во едната или другата страна на мозокот. За функциите на говорот повеќе е одговорна левата страна, а за вниманието десната страна од мозокот. Но, кај луѓето не постои тенденција да имаат појако развиена  лева или десна мозочна мрежа“- вели д-р Џеф Андерсон, водачот на истражувањето.

И покрај тоа што оваа теорија е дискредитирана, таа е се’ уште популарна. Но, што точно сугериира оваа теорија?

Десната страна од мозокот
Според теоријата на доминација на левата или десната страна од мозокот, десната страна е „најдобра“ во експресивните и креативните задачи. Некои од можностите што општо се поврзуваат со десната страна од мозокот, се следните:

–          Препознавање на ликови
–          Изразување на чувства
–          Музика
–          Читање на чувства
–          Бои
–          Слики
–          Интуиција
–          Креативност

Левата страна од мозокот
Левата страна на мозокот се смета дека е задолжена за логички задачи, артикулација на говорот и аналитичко размислување. Обично се опишува дека левата страна од мозокот е „подобра“ кога се работи за:

–          Говор
–          Логика
–          Критичко размислувње
–          Броеви
–          Резонирање

Истражувачите покажаа дека оваа теорија е мит, но сепак се’ уште е популарна. Зошто? Веројатно голем број луѓе не знаат дека е застарена. Студентите продолжуваат да учат за оваа теорија, како историски интерес – за да разберат како нашите идеи за тоа како работи мозок еволуирале и се менувале со текот на времето.

Иако премногу генерализирана и преценета од страната на популарната психологија и текстовите за самопомош, разбирањето на одредени слабости и предности во одредена област, може да ви помогне да развиете подобри начини на учење. На пример, на студентите што имаат проблем да следат вербални инструкции (што често се наведува како карактеристика на десната страна од мозокот), може да им помогне ако ги запишуваат упатствата за да развијат подобри оранизциони вештини. Но, добро е да се знае ако некогаш ги направите овие тестови, што можете да ги најдете на интернет (дали повеќе го користите десниот или левиот дел од мозокот), дека тие се само за забава и дека резултатите не треба да ги сфаќате многу сериозно.

Дискусија

Коментари