Дали треба да ги отстрануваме пубичните влакна?

На човечкото тело влакната растат насекаде. Ги има и во ушите и на најинтимните делови – на гениталиите. Отстранувањето на влакната денес претставува популарна индивидуална практика, но дали би требало да ги отстрануваме пубичните влакна – или да ги оставиме како што ги дала природата?

Во новото видео на „AsapSCIENCE“, со наслов „Треба ли да ги бричиме пубичните влакна“ се објаснува како луѓето ги задржале влакната. Околу 70.000 до 120.000 години после Леденото доба, луѓето ги изгубиле влакната од поголемиот дел од телото, но во обилни количини се задржале под пазувите и на гениталиите. Човекот е единствениот цицач што има долги пубични влакна.

Постојат повеќе хипотези за еволутивната цел на влакната. Некои истражувчи веруваат дека појавата на влакната после пубертетот претставува визуелен сигнал за потенцијалниот партнер дека е спремен за парење. Според друга теорија, пубичните влакна ги штитат гениталиите од триење за време на сексуалниот однос.

Друга теорија сугерира дека со еволуцијата влакната останале за да ги задржат феромоните кои се насочени кон потенцијалниот партнер. Ова е поддржано од фактот дека жените испуштаат различни феромони кога се во овулација, сигализирајќи дека се фертилни, со цел да станат поатрактивни за другиот пол.

И покрај потенцијалната улога на пубичните влакна, едно истражување направено на над 1000 студенти во Америка покажало дека 96 проценти од жените и 87 проценти од мажите, делумно или целосно ги отстраниле пубичните влакна во претходниот месец.

Повторното растење на влакната после отстранувањето може да биде иритирачки за кожата. Всушност, 75 проценти од лицата што ги бричат пубичните влакна имале чешање, а 40 проценти добиле некаков вид на осип во таа регија. Исто така, бричењето на пубичните влакна директно се поврзува со сексуално преносливите болести, како гонореа, кламидија и ХПВ инфекциите.

Се чини дека отстранувањето на пубичните влакна не е така едноставно. Според „AsapSCIENCE“, најчести генитални повреди пријавени во итните служби во Америка се директна последица од бричењето на пубичните влакна.

Значи природниот изглед е најбезбедна опција, но ако решите да ги депилирате или да ги бричите гениталиите, бидете претпазливи и секако одржувајте добра хигиена.

Поддржете ја нашата работа: