Десет извитоперени доктори

Мора да признаме дека многу од нас се плашат да одат на доктор, но од овие 10 извитоперени доктори навистина ќе ви се крене косата на главата. Еве зошто!

1.Х. Х. Холмс Роден како Херман Вебстер Маџет, д-р.Хенри Хауард Холмс, или познат само како Х.Х.Холмс, бил првиот документиран сериски убиец. Во 1893 година тој изградил хотел со цел да ги спроведе своите убиствени намери. На првиот кат од зградата била сместена аптеката на Холмс и разни продавници, но погорните катови биле многу чудни. Во хотелот имало повеќе од 100 соби без прозорци, врати што се отвораат кон ѕидовите, или се отвораат само однадвор, скали кои не водат никаде, а се погрижил никој освен него да не знае каков е распоредот во зградата. Докторот ги внесувал гостите или своите вработени во соби со звучна изолација, дизајнирани да овозможат смрт преку примена на одредена специфична метода, меѓу кои смрт со задушување со гас, горење со летлампа, или давење. Потоа, телата ги спуштал низ шахта која водела до лабораторија во подрумот, каде внимателно им ги отстранувал органите, а од коските правел скелетни модели кои им ги продавал на медицинските школи. Се’ она што не можел да го искористи, или го палел или го фрлал во една од неговите јами полни со киселина. Холмс бил уапсен во 1894 година. Иако му се припишани само девет потврдени жртви, тој самиот признал 27 убиства, но се проценува дека вистинската бојка на жртви изнесува околу 200.

2.Стабинс Фирт На крајот на 1700-тите и почетокот на 1800 –тите години, епидемија на жолта треска убила илјадници луѓе. Сепак, тоа не го обесхрабрило докторот Стабинс Фирт, кој цврсто верувал дека оваа смртоносна болест не е заразна и дека светот не треба да се плаши од неа. За да ја потврди својата теорија, тој решил самиот да се изложи на телесните течност од заболени лица. Фирт го започнал својот експеримент така што повраќаниците од заболените лица ги триел во мали исеченици на своето тело. Бидејќи не се разболел од тоа, продолжил понатаму, па од течностите сипувал во очите, ги  загревал и ги вдишувал испарувањата, па дури и ги пиел. На крај, го премачкал целото тело со плунка, урина и крв од заболените. Овој упорен доктор никогаш не заболел од жолта треска и бил задоволен бидејќи сметал дека ја докажал својата теорија. Но, Фирт направил грешка, бидејќи користел течности од пациенти кои биле во терминална фаза од болеста кога веќе не се заразни. Тој ги објавил своите погрешни наоди во 1804 година во тезата под наслов „Расправа за малигната трека“, во обид да докаже дека оваа треска не е заразна и опасна.

3.Хенри Котон Доктор Хенри Ендрјус Котон бил директор на психијатриската болница во Трентон помеѓу  1907 и 1930 година. Тој сметал дека причина за менталните пореметувања кај пациентите се нелечените инфекции кои се скриени некаде во телото, па затоа им отстранувал делови од телото, без разлика дали пациентите се согласувале на тоа или не. Во своето лудило, докторот имал и метода – прво почнувал со вадење на забите на пациентот, а ако со тоа пациентот не бил излечен, продолжувал на крајниците и синусите. Ако и понатаму состојбата не се подобрувала, Котон на пациентите им ги вадел тестисите, јајниците, желудникот, жолчката, слезенката. Без антибиотици во тоа време, стапката на смртност после операциите била многу висока. Но, поради лажните извештаи во кои Котон тврдел дека има успешност од 85% во лекувањето, тој продолжил со ужасните третмани уште многу години. За среќа, со почетокот на една истрага во 1925 година, започнал и крајот на д-р. Котон.

4.Френсис Вилис Френсис Вилис во 1700 –тите години бил доктор во Линколншир. Бил многу почитуван поради неговите навидум успешни методи за лекување на ментално болните лица. Покрај стандардните методи од тоа време, неговите третмани подразбирале вежби и свеж воздух, а сето тоа пациентите го постигнувале работејќи како физички работници на имотот на добриот доктор. Резултатите на Вилис се чинеле толку добри што кога кралот Џорџ III заболел бил однесен кај него на третман. Вилис ги применил истите методи на физичка работа и кај кралот. Кралот со време се опоравил, а заслугата му била припишана на Вилис. После тоа станал толку баран што морал да изгради уште една установа за да ги прими сите пациенти. Секако, имотот бил одлично одржуван.

5.Јозеф Менгеле Јозеф Менгеле бил еден од докторите во нацистичкиот логор Аушвиц во Втората светска војна. Додека другите доктори го сметале испраќањето на затворениците во гасните комори исклучително нехумано, Менгеле со смеење и свиркање ги испраќал децата, жените и старите лица во смрт. Но, овој извитоперен доктор имал уште една голема љубов – да врши експерименти врз луѓе. При селектирањето на субјектите, особено го привлекувале физичките деформитети, различната боја на очите, а најомилени му биле идентичните близнаци. Експериментите на Менгеле со близнаците биле мотивирани од  неговата желба да докаже дека наследството е супериорно во однос на животната средина, правдајќи ја на тој начин славата на нацистичката Ариевска раса. Се смета исто така дека помогнал да се зголеми стапката на наталитет на Ариевците преку сознанија како полесно да се зачнат близнаци. Меѓу другото во своите експерименти тој правел непотребни ампутации и инфицирање на едниот од близнаците со смртоносни болести. Ако едниот од близнаците починел, тој го убивал и другиот близнак за да прави компаративни посмртни анализи. Поради своите грозоморни експерименти го нарекувале “Ангел на смртта“. После војната, успеал да побегне и никогаш не бил фатен.

6.Фарид Фата Доктор Фарид Фата унесреќил над 500 луѓе соопшувајќи им дека боледуваат од тешки болести или се на умирање. Проблемот бил што тој свесно им поставувал погрешна дијагноза и потоа ги третирал со хемотерапија и зрачење, што му овозможило да се стекне со огромно богатсво. Но, тој не само што им велел на здрави лица дека се болни, туку правел и обратно – на пациенти во терминална фаза им тврдел дека состојбата им се подобрува, давајќи им надеж за да продолжат и понатаму да се лекуваат. По информација од колега кој почнал да се сомнева, властите за среќа и ставиле крај на оваа ужасна шема на д-р.Фата. Иако, обвинителството барало затворска казна од 175 години, на 10 јуни 2015 година, Фата бил осуден на само 45 години затвор.

7.Волтер Фриман Волтер Фриман (1895-1972) бил американски доктор кој бил опседнат со лоботомијата. Негов идол бил швајцарскиот психијатар Готлиб Буркхарт кој ја извршил првата психо-хируршка интервенција, но, тој имал свои идеи како би требало да се прави оваа процедура. Заедно со својот колега, неврохирург Џејмс Вотс, Фриман направил стотици лоботомии на фронталниот лобус на мозокот. Откако разбрал дека друг доктор оперира преку очната шуплина, Фриман го следел неговиот пример употребувајќи метално шило. Тој открил дека ако поттикне напади кај пациентот со помош  на струја, може лесно да оперира и со шило да ги прекине врските со префронталниот кортекс. По извесно време Вотс се разделил од Фриман, бидејќи ги сметал неговите постапки исклучително сурови и фанатични, но Фриман продлжил да работи и извршил стотици лоботомии. За време на операциите тој никогаш не користел маска и ракавици и откако многу пациенти починале од неговата сомнителна метода на Фриман му било забрането да се бави со хирургија.

8.Широ Иши Хирургот Широ Иши, генерал во Кралската јапонска армија, уште како студент по медицина на Кралскиот Универзитет во Кјото имал чудна навика да култивира бактерии како миленичиња, наместо да прави истражувања. Опседнатоста со микроорганизмите кон крајот на 1920-тите го довела до создавање на негова програма за биолошко оружје. Иши  тестирал разни методи за дисперзија на микроорганзмите, меѓу кои и преку огненото оружје и бомбите. Тестирањата ги вршел на кинески воени заробеници или заробени цивили од кинеските градови, па дури и на активните боишта. Се проценува дека десетици илјади лица починале како последина од чума, колера и антракс што ги проширил Иши. Тој бил и голем поддржувач на експериментите врз луѓе. Изведувал вивисекции, симулации на мозочен и срцев удар, вршел присилни абортуси и предизвикувал хипотермија и смрзнатини. Јапонската кралска армија ги чувала во строга тајност истражувањата на Иши. Пред крајот на Пацифичката војна, кога поразот на Јапонија бил очигледен, истражувачкото седиште на Иши било уништено за да се сокријат доказите. По неговото апсење, добил имунитет за воените злосторства во замена за неговите истражувања и други информации.

9.Карл Клауберг Доктор Карл Клауберг работел во нацистичките концентрациони логори и сметал дека може да го реши најголемиот проблем на нацистите – стерилизација на Евреите до исчезнување. Клауберг ги стерилизирал жените со тоа што им инјектирал формалдехид директно во матките. Многу жени умреле од овој експеримент, а оние кои преживеале – се проценува околу 700  останале доживотно стерилни. Кога Црвената армија почнала да се приближува до Аушвиц, тој побегнал во концентрациониот логор Равенсбрук и ја продолжил својата работа на жени Ромки. Тука бил уапсен од Советскиот сојуз во 1945 година. Добил казна од 25 години затвор, но одлежал само седум. Сепак, фалејќи се со „своите достигнувња во Аушвиц“ предизвикал јавен револт и повторно бил уапсен во 1955 година. Починал од срцев удар во својата затворска ќелија.

10. Ендрју Ур Доктор Франкенштајн од делото на Мери Шели имал еден вид конкуренција во реалниот свет. Во 1818 година, истата година кога е објавена книгата, шкотскиот научник, доктор и хемичар Ендрју Ур, го објавил својот експеримент што го направил на затвореникот Метју Клајдесдејл кој бил погубен со бесење. Имено, Ур верувал дека може да ги врати во живот мртвите што починале како последица на бесење, задушување и давење. Во извештајот од својот експеримент тој теоретизирал дека тајната лежи во френичниот нерв. Ур тврдел дека со стимулација на различни нерви со струја кај Клајдесдејл се јавиле толку сини движења, што дури и соборил еден од асистентите на Ур. И како што напишал Ур: „Во тој период неколку од гледачите биле принудени да го напуштат станот затоа што се исплашиле или им се слошило, а еден господин се онесвестил“. Ур продолжил да објавува извештаи од различните експерименти што ги правел и воглавно бил почитуван во науката.

Поддржете ја нашата работа: