Детектирани мистериозни повторувачки радио сигнали

Астрономите детектирале повторувачки радио сигнали кои доаѓаат од длабоката вселена. Овие краткотрајни сигнали познати како „брзи радио експлозии“ (fast radio bursts) и претходно биле забележени, но се сметало дека се последица на еднократен случаен настан. Но, за првпат досега, научниците забележале повторувачки сигнали кои потекнуваат од ист извор кој се наоѓа надвор од нашата галаксија.

Десет експлозии кои доаѓаат од иста насока биле забележани минатата година во мај и јуни, а кога астрономите ги разгледале претходните податоци откриле дека и други вакви сигнали во 2012 потекнувале од истото место, што укажува на тоа дека таму се случува нешто што редовно испраќа екстремно кратки и интензивни сигнали. Постојат голем број можни објаснувања за овие сигнали (секако и највозбудливата, дека се работи за вонземјани).

Откако за прв пат се откриени во 2007 година, астрономите неуспешно се обидуваа да најдат знаци дека тие доаѓаат од исто место два пати –што би им помогнало да откријат што ги предизвикува. Но, минатиот ноември, Пол Шулц од Универзитетот МекГил во Канада, меѓу податоците од телескопот Аресибо во Порторико забележал дека шест радио сигнали што доаѓале во рок од 10 минути еден по друг и уште четири на поголемо растојание потекнуваат од исто место.

Истражувачите сѐ уште немаат доволно податоци за да лоцираат точно од каде доаѓаат овие сигнали, но прилично се сигурни дека тоа е надвор од нашата галаксија, со оглед на количеството на плазма што ја дисперзираат додека стигнат до тука.

supernova-explosion-cosmic-rays

Самото нивно потекло ги прави овие сигнали уникатни, бидејќи досега откриените вакви сигнали биле од подрачјето на нашата галаксија. Но тоа не е единствената разлика. Овие сигнали не само што се повторуват, туку и нивниот спектар и јаснотија се разликуваат од другите сигнали, велат астрономите.

Ова ги наведува истражувачите на заклучок дека повторувачките сигнали се всушност сосем нов вид на кратки радио импулси, кои досега не се забележани.

Тајмингот на откритието е донекаде случајност, бидејќи минатата недела се сметаше дека научниците конечно почнале подобро да ги разбираат кратките радио импулси.

Научниците успеале да ја посочат точната локација на еден од овие импулси – нешто што сега е под знак прашалник, и врз основа на староста на галаксијата од која доаѓа, тие сугерираа дека сигналот не е резултат на  раната активност на ѕвезда, туку на некаква експлозија, како на пример при судир на две неутронски ѕвезди – што би можело да се повторува.

sp_1831734b

Но, ова откритие покажува дека се работи за сосема спротивното. Всушност, најверојатното објаснување за повторувачките сигнали е дека доаѓаат од некој егзотичен објект, како што е млада неутронска ѕвезда која ротира со доволна моќ за да може редовно да емитира екстремно јасни импулси. Овие ѕвезди можеби и воопшто не припаѓаат на некоја галаксија, сугерираат научниците.

Следниот чекор е да се одреди точно од каде потекнуваат овие мистериозни сигнали, за астрономите да можат да добијат подобра идеја за тоа каков тип на активност се случува таму.

Се разбира само затоа што изгледа дека повторувачките сигнали имаат различно потекло од поединечните не значи дека хипотезата што беше поставена минатата недела е погрешна. Тоа само значи дека сега имаме потполно нова класа на кратки радио импулси, веројатно со посебно потекло кое треба да се открие.

Истражувањето е објавено во списанието „Nature“.  

Поддржете ја нашата работа: