Џиновски спирали би можеле да го објаснат нашето постоење

Нашите најдобри теории на физиката имплицираат дека ние не би требало да постоиме. „Биг Бенг“ требало да произведе еднаква количина на честички на материја и антиматерија кои речиси веднаш меѓусебно би се уништиле, оставајќи само светлина. Но, тука сме – и се чини дека има многу малку антиматерија наоколу, што всушност претставува една од најголемите нерешени мистерии на физиката.

Во 2001 година, Танмеј Вакаспати од Државниот универзитет во Аризона понудил теоретско решение. Дури и кога материјата и антиматеријата би биле создадени во еднакви количини, во процесот на нивното уништување тие накратко би создале монополи и антимонополи – хипотетички честички со само еден магнетен пол, север или југ. Како што тие би се уништувале меѓусебно, повторно би се создала материја и антиматерија. Но, поради апсурдност на природата наречена „нарушување на CP симетријата“, тој процес би бил пристрасен за материјата, па така овој свет во кој живееме е исполнет со материја.

Доколку навистината се случило тоа, би требало да има некаков знак, односно извртени магнетни полиња низ универзумот што всушност претставуваат фосил на магнетните монополи што некогаш накратко доминирале. Тие би требало да изгледаат како завртки, односно шрафови.

Така, Вакаспати и неговите колеги започнале да ги бараат тие магнетни полиња во податоците од телескопот „Ферми“. Како што гама зраците се движат низ космосот, се превиткуваат кога поминуваат низ некое магнетно поле, па доколку постојат спирални магнетни полиња, тие би оставиле видлива трага на гама зраците. Токму тоа и го откриле, но сепак не се сигурни бидејќи превиткувањата се малку поголеми отколку што предвидувале. Повеќе податоци од „Ферми“ се очекуваат оваа година и научниците се надеваат дека ќе им помогнат при конечното утврдување.

Истражувањето е објавено во „Monthly Notices of the Royal Astronomical Society“.

Поддржете ја нашата работа: