Добредојдовте на местото од коешто нема враќање назад. Добредојдовте во регионот во вселената каде што гравитацијата е толку силна што дури ни светлината не може да избега. Добредојдовте во светот на црните дупки.
Црната дупка е гладен ѕвер
Работ на црната дупка е точката од која нема враќање назад. Проголтува се што се наоѓа премногу блиску, се движи премногу споро или пак е премногу мало за да се спротистави на својата гравитациона сила – дури и светлината, а ништо не е побрзо од светлината. Со секоја планета, ѕвезда, маса или гас којшто го конзумира, црната дупка расте.
Речиси се што знаеме за универзумот зависи од црната дупка
Луѓето се’ уште не се доволно опремени за да го разберат универзумот. Парадоксот на заштитниот ѕид фрла сомнеж дури и на најцелосните научни теории на Алберт Ајнштајн, Џозеф Полчински и Стивен Хокинг. Се’ што знаеме за универзумот може да се промени доколку би дознале со сигурност што се случува со информациите во внатрешноста на црната дупка.
Ако влезете во црна дупка, не се знае како ќе умрете
Дали гравитацијата ќе ве растргне и ќе ве здроби во јадрото на црната дупка? Или пак вечно ќе „се варите“ во заштитниот ѕид? Дали можеби некој дел од вас некогаш ќе излезе од црната дупка? Прашањето како би умреле во црната дупка е веројатно најголемата дебата во физиката во моментов. Се нарекува парадокс на заштитниот ѕид.
Врз основа на математиката во Ајштајновата теорија на релативитет, би паднале неповредени се додека не ве растргне силата на гравитација и не ве удри во јадрото на црната дупка. Д-р Полкински претпоставува дека заштитниот ѕид од енергија би делувал како факел кој би го изгорел вашето тело на мали делчиња. А според Хокинг, работ на црната дупка е како чистилиште за светлосните зраци кои се обидуваат да избегаат (Хокингова радијација).
Црните дупки пеат
Во 2013 година, со помош на опсерваторијата Чандра, тим на научници предводени од астрономот Ендрју Фабијан, ја откриле најдолгата, најстарата и најниската нота, односно песна во универзумот. Иако е премногу ниска за луѓето да можат да ја чујат, нотата (53 октави под средно Ц) се појави како звучни бранови кои потекнуваат од експлозии на работ на супермасивна црна дупка во галаксијата „NGC 1275“. Нотите останаа во галаксијата и никогаш не допреа до нас, но и онака не би можеле да ги слушнеме. Најниската нота што човечкото уво може да ја детектира има период на осцилирање од една дваесетина од секунда. Периодот на оваа нота бил 10 милиони години.
Астрономите имаат докази за црни дупки во речиси секоја галаксија во универзумот.
Речиси секоја галаксија, вклучувајќи ја и нашата, покажуваат знаци за црни дупки. Невозможно е да се одреди нивниот број. Од милијардите ѕвезди во нашиот Млечен Пат, околу една на секои илјада нови ѕвезди е доволно масивна за да стане црна дупка. Супермасивните црни дупки кои се до милијарда пати поголеми од Сонцето, постојат само во центарот на галаксиите. Во центарот на Млечниот Пат, на оддалеченост од 26 илјади светлосни години од Земјата, се наоѓа „Sagittarius A*“ која се смета дека е нашата супермасивна црна дупка. Начинот на кој се формираат овие супермасивни црни дупки се’ уште е мистерија.
За да ја најдете темнината, следете ја светлината
Многу е тешко да се пронајдат црните дупки. Обично, ако има многу енергија во центарот на некоја галаксија, тогаш тоа е најверојатно црна дупка.
Црната дупка не е вечна
Како што Хокинговата радијација ќе истече во вселената, квантната физика вели дека црната дупка кога-тогаш ќе испари. Најверојатно ќе биде потребно премногу време за тоа да се случи (многу пати повеќе од староста на универзумот).
Пред Големиот хадронски судирач да започне со работа, многу критичари се плашеле дека судирањето на протони ќе создаде црна дупка која ќе ја проголта Земјата. Големиот хадронски судирач работеше и се’ уште работи и Земјата преживеа. Како и да е, очигледно е дека се’ уште има премногу да се учи за светот на црните дупки.