Според истражувањето што беше објавено во „Annals of Internal Medicine“, со едноставно скенирање за калцификати во коронарните артерии, може да се открие дали кај пациентот постои ризик од смрт во следните 15 години.
Скенирањето за калцификати во коронарните артерии е едноставно рентген тестирање каде се откриваат наслаги од калциум во ѕидовите на коронарните артерии. Овие наслаги се нарекуваат калцификати и можат да претставуваат први индикатори за коронарна артериска болест.
Истражуваачите од Универзитетот Емори, направиле анализа на податоците од 9.715 учесници во истражувањето спроведено во периодот од 1996 до 1999 година. Учесниците во моментот на истражувањето биле здрави – не покажувале симптоми на коронарна срцева болест.
Истражувачите откриле дека според резултатите од ова скенирање може со голема прецизност да се предвиди кој може да умре во рок од 15 години, од која било причина, а не само од коронарна срцева болест.
Овие наоди ја покажуваат важноста од скенирање за калцификати во коронарните артерии, со цел да се предвиди морталитетот, велат истражувачите. Овие скенирања се користени и во минатото, но како помош да се предвидат ризиците кај пациентите на краток рок, до пет години.
„Пациентите со високо ниво на калциум би требало да бидат советувани од своите доктори да се адаптираат на поздрав начин на живот, за да ги намалат ризиците и потенцијално да го продолжат животниот век“- вели д-р Лесли Шо, авторот на истражувањето и професор по кардиологија.