Научниците од Националниот институтот за истражувања на човечкиот геном во САД откриле генетски показател во ДНК кој е заеднички за пет различни видови на рак. Овие наоди би можеле да доведат до создавање на едноставен тест со кој преку крвта би се дијагностицирале различни видови на рак во рана фаза.
Овој показател е резултат на хемиска модификација на ДНК, позната како метилација, преку која се контролира експресијата на гените. Со идентификација на овој биомаркер, научниците откриле цврсти докази за негово постоење кај пет различни видови тумори: на дебелото црево, на белите дробови, на дојката, на желудникот и на ендометриумот.
Научниците откриле зголемен метилациски показател околу генот наречен „ZNF154“. Овие наоди се надополнување на претходни истражувања од истиот тим научници, кои првично забележале метилациски показател околу генот „ZNF154“ уште во 2013 година, и се посомневале дека тој претставува универзален туморски биомаркер.
Натамошните истражувања на научниците ќе бидат во насока да се види дали овој показател може да се искристи за идентификација на ракот преку примерок од крвта кај пациенти со рак на бешика, на дојка, на дебело црево, на панкреас и простата, како и дали нивните методи на анализа ќе доведат до подобар исход кај жените со рак на јајници, преку рана детекција на повторната појава на канцерски клетки.
Иако на научниците уште не им е доволно јасна поврзаноста помеѓу туморите и зголеменото ниво на овој биомаркер, сепак постојат некои претпоставки. Можно е овој показател да ги покажува нарушувањата во нормалните процеси во клетките, или можеби се однесува на тоа како растат туморите – преку конзумирање на енергијата, што може да влијае на клеточните процеси кои го одржуваат нормалниот раст на клетките.
Понатамошните истражувања ќе допринесат да се продлабочат овие сознанија, но во меѓувреме ова откритие значи голем прогрес во развојот на крвен тест преку кој ќе може рано да се открие присуство на повеќе видови рак одеднаш.
Наодите од истражувањето се објавени во „The Journal of Molecular Diagnostics“.