Разводот е стресен дел од животот кој се поврзува со зголемен ризик за депресија – луѓето го губат парнерот, надежите и соништата, начинот на живот, а да не ја споменуваме финансиската состојба. Но сепак, оние кои најмногу страдаат се децата. Речиси 50% од децата се деца на разведени родители. Еве неколку психолошки и емоционални ефекти на разводот кај мажите, жените и децата.
Жените по разводот доживуваат помалку стрес и подобро се прилагодуваат во средината, главно поради тоа што тие повеќе ги забележуваат брачните проблеми па така чувствуваат олеснување кога тие ќе завршат. Токму поради тоа, жените иницираат развод двапати почесто од мажите. Покрај тоа, тие полесно се потпираат на системите за социјална помош и помош од другите, а често им се зголемува и самодовербата поради новите улоги кои ги преземаат по разводот.
Мажите пак, обично се соочуваат со поголеми емоционални проблеми и посветуваат повеќе енергија во обид да го спасат бракот, доколку тоа е возможно. Причините за тоа најчесто се губењето на интимноста, социјалната поврзаност, намалувањето на финансиите и улогата на родител. Статистиките покажуваат дека 90% од разведените мајки имаат старателство врз своите деца. За разлика од жените, кои по разводот се посветуваат на себе си и на децата, мажите многу почесто повторно се женат, но не ги исклучуваат децата, се трудат да бидат вклучени во нивниот живот и да си ги исполнуваат условите за издршка.
Разводот најмногу влијае на децата и често се поврзува со депресија и проблематично однесување. Научниците сега сметаат дека конфликтот, односно начинот на којшто родителите комуницираат меѓу себе и со своето дете е клучен одлучувачки фактор за однесувањето на детето по разводот, а не самиот развод. Всушност, психолошката реакција на детето на разводот се разликува и зависи од три фактори: квалитетот на нивната меѓусебна врска пред разделувањето, интензитетот и траењето на конфликтот меѓу родителите и способноста на родителите да се фокусираат на потребите на детето за време на разводот.
Најновите истражувања покажуваат дека ефектите од разводот се подеднакви и кај момчињата и кај девојчињата, само што на различен начин го изразуваат тоа. Момчињата реагираат „надворешно“ – изразуваат лутина, фрустрација, гнев, се расправаат или тепаат со други ученици во училиштето и сл. Девојчињата „внатрешно“ ја чуваат својата вознемиреност – може да станат депресивни, да имаат главоболки или болки во стомакот, промени во навиките за јадење и спиење или сл.
Важна е врската на децата и со двајцата родители, и врз основа на истата тие создаваат своја перцепција за тоа како треба да изгледа една врска. Најважно е да не се чувствуваат сами и напуштени и да знаат дека и двајцата родители се тука за нив. Зборувањето лошо за едниот родител или за начинот на кој меѓусебно се повредиле нема да ги поправат работите, туку само ќе ги отежнат за детето, кое прерано ќе треба да преземе преголем број на обврски.
Исто така, загубата на таткото или мајката нема да се намали или надомести со очув или маќеа. Никој не може да ги замени мама и тато, па затоа треба да се разговара пред да се преземе таков чекор, да се изразат очекувањата, да се дефинираат улогите и да се постават реални цели, за да нема конфликти и децата да можат да се прилагодат во новата средина. Сето тоа може да има и позитивен исход, на пр. ако и двајцата родители повторно стапат во брак, децата ќе имаат два пара родители кои ги подржуваат и сакаат. Не заборавајте, децата се угледуваат на родителите и учат од нив!