Античките Египќани ги балзамирале мртвите и пред ерата на фараоните. Тоа го правеле на многу пошироко географско подрачје отколку што денес се мисли. Барем така покажува новата студија.
Собрани се резултати од големи форензички истражувања на една праисториска мумија. За неа се верувало дека е зачувана со закопување во жежок песок, а податоците покажуваат дека постапката за балзамирање постоела до 1500 години пред ерата на фараоните.
Студијата, која е објавена во списанието Journal of Archaeological Science се заснова на една поранешна студија.
Египтологот Јана Џонс вели дека ова откритие го збогатува “претходно ограниченото познавање на праисториските периоди и процедури за рано мумифицирање”.
“По разгледувањето на мумијата, спроведена со хемиски анализи, генетски истражувања, радиокарбонско датирање и микроскопска анализа на повоите, можеме да потврдиме дека телото е на маж на возраст меѓу 20 и 30 години, и е мумифицирано околу 3600 год. п.н.е.”, вели Џонс.
Процесот на балзамирање вклучувал комбинација од растително масло, загреана смола, дрво, ароматичен растителен екстракт и шеќер.
Рецептот за балзамирање содржел антибактериски средства кои се користени во сличен сооднос како тоа што се правело 2500 години подоцна.
Освен што самиот процес на балзамирање е правен порано отколку што експертите мислеа до сега, треба да се напомене и дека тоа се правело на пошироко географско подрачје. Доказ за тоа е мумијата која потекнува од јужен Египет.
Стивен Бакли од Универзитетот “Јорк” од Британија вели дека добиените наоди го прикажуваат претходникот на класичното мумифицирање, кое подоцна ќе стане централен столб на античката египетска култура.
Мумијата е сместена во музејот во Торино уште од 1901 година. Никогаш не е подложена на дополнителна конзервација, што овозможило точна научна анализа, – се наведува во извештајот.