Експеримент: Искрена насмевка – повеќе пари

Истражувачите од Институтот Макс Планк за еволутивна биологија од Плон, Германија  и Школата за економија од Тулуз, испитувале дали лицата со својата насмевка можат да предизвикаат доверба и да профитираат од тоа. Резултатите покажале дека насмевката е често користен знак кој поттикнува доверба и помага да се оствари соработка.

Насмевката е основна компонента на комуникацијата во секое човечко општество. Некои научници шпекулираат дека насмевката се развила во текот на еволуцијата од гестовите што покажувале потчинетост, како таа што се забележува кај некои мајмуни, кога инфериорните животни ги развлекуваат усните и ги покажуваат забите како знак дака се потчинуваат на доминантните членови на нивниот вид. Кај луѓето, насмевката се развила веројатно како вид на мимикрија, каде доминантните индивидуи ги имитираат гестовите на потчинетите, за да покажат дека може да им се верува.

Сепак, се’ уште е нејасно дали насмевката кај човекот е алатка за комуникација или несвесна експресија на емоционалната состојба на личноста. И самиот Дарвин зборува за „насмевката на Душен“ (Duchenne smile) која во основа  е несвесна и се смета дека е надвор од контролата на волјата. Затоа, научниците од „Макс Планк“ и нивните колеги направиле „експеримент на однесување“ за да го измерат влијанието на насмевката во ситуации кога е потребно да се покаже подготвеност за соработка која се заснова на доверба.

Во експериментот, двајца учесници требало да соработуваат со цел да добијат мала сума пари (4 евра) во првиот круг, или да ја удвојат сумата (8 евра) во вториот круг. Доверителите (потенцијалните примачи) се претставиле себеси преку краток видео-клип во кој читале однапред подготвен текст и барале од нивните партнери да им ги испратат парите којшто им биле дадени од истражувачите.

Врз основа на видеото, испраќачот требало да одлучи дали да му испрати пари на доверителот. Ако парите биле испратени, влогот се зголемувал за трипати и доверителот можел да одлучи дали да му врати една третина или половина од зголемената сума пари, или едноставно сите да ги задржи за себе.

Тие што требало да ги испратат парите, требало да ја оценат личноста од клипот за тоа колку е привлечна, интелигентна, дали може да и се верува и дали неговата/нејзината насмевка е искрена.

Истражувањето покажало дека насмевката која била оценета како искрена предизвикала доверба – и тоа со право; тие луѓе биле и добри за соработка. Искрената насмевка, несвесно се појавувала во случаи кога влогот бил поголем. Насмевката оценета како искрена е силен показател дека на личноста која е во прашање може да и се верува.

Поддржете ја нашата работа: