Кушинговата болест, (која не треба да се меша со синдромот Кушинг) е предизвикана од тумор на хипофизата во мозокот. Туморот лачи зголемено количество на хормонот адренокортикотропин (ACTH) што предизвикува лачење на кортизол од надбубрежната жлезда. Тоа доведува до рапидно зголемување на телесната тежина, покачен крвен притисок и мускулна слабост. Пациентите се склони кон остеопороза, инфекции, а можна е и појава на когнитивни пореметувања, па дури и депресија. Во 80 до 85% од случаите, туморот може хируршки да се отстрани, што претставува прилично непријатна процедура. Кај иноперабилните случаи засега постои една таргетирана терапија, која за жал предизвикува многу јаки несакани дејства, меѓу кои и хипергликемијата која се јавува кај повеќе од 20% од пациентите.
Научниците, ендокринолози од Институтот Макс Планк за психијатрија во Минхен, од истражувањата направени на клеточни култури, животински модели и туморски клетки од човечко ткиво, откриле дека, овој безопасен растителен екстракт може да се примени и за лекување на Кушинговата болест. После третман со силибинин направен на глувци, се нормализирала продукцијата на „ACTH“, растот на туморот се успорил, а симптомите на Кушинговата болест исчезнале. Силибининот е главната активна супстанција во семето од растението магарешки трн. Како исклучително безбедна состојка, веќе се користи за третирање на болести на црниот дроб и кај труењата.
Силибинин – механизам на дејство
Во текот на своите експерименти, научниците откриле огромни количини од протеинот „HSP90“ во туморското ткиво кај пацеинтите со Кушингова болест. Во нормални количини „HSP90“ е одговорен за правилна функција на еден друг протеин – глукокортикоиден рецептор –кој ја инхибира продукцијата на „ACTH“. Кога има премногу „HSP90“ молекули во туморското ткиво ,тој се „лепи“ за глукокортикоидниот рецептор. Силибининот се врзува со „HSP90“ што и овозможува на молекулата на глукокортикоидниот рецептор да се ослободи од „HSP90“.
„Со силибининот можеби откривме неинвазивен третман не само за Кушинговата болест, туку и за други состојби каде се вклучени глукокортикоидните рецептори, како кај туморите на белите дробови, акутната лимфобластичната леукемија или мултиплата миелома“- велат научниците.
Научниците од Макс Планк во 2013 година патентираа повеќе хемикалии и природни состојки, меѓу кои и силибининот, за третман на тумор на хипофиза. Од оваа состојба страдаат 5 лица на 100 000 луѓе, но исто така многу почесто заболуваат и некои домашни миленичиња. На примр 4% од кучињата и дури 7% до коњите страдаат од Кушинговата болест.
Научниците сега планираат да тестираат специјална формула со многу чиста супстанција и споро ослободувањње на активната компонента силибинин во клинички испитувања. Истражувањето е објавено во списанието „Nature Medicine“.
ЕНаука.мк e проект во кој главната движечка сила се лица со хендикеп и негови главни цели се враќање на интересот за науката и технологијата во нашите домови, институции и медиуми, како и да докаже дека вистинското место на лицата со хендикеп е во македонската наука и економија. Редовното посетување на нашиот портал, споделувањето и дискусија на интересните статии ќе овозможи одржливост на овој проект и ќе поттикне други слични идеи од кој бенефит би имало целото општество.