Мал објект кој патувал со брзина од 40.000 км/час, се судрил со сателит во орбитата, открива Европската вселенска агенција (ЕВА).
Инцидентот се случил минатата недела, кога сателитот „Sentinel–1A“, според мислењето на научниците бил погоден од мал објект со големина од само неколку милиметри. Ударот предизвикал вдлабнување на соларните панели на сателитот со големина од 40 см. во пречник. Сателитот „Sentinel–1A“ е лансиран во 2014 година, со цел да ги мониторира временските промени во оритата.
Инженерите од ЕВА се посомневале дека се случил судир откако забележале ненадејно намалување на енергијата од соларните панели истовремено со мала промена на позицијата на сателитот во орбитата.
Иако не се знае за каков објект се работи, во ЕВА се сомневаат дека сателитот бил погоден од парче од вселенски отпад, бидејќи микрометеорити од вонземско потекло се многу ретки за разлика од остатоците од објекти направени од човекот, со оглед на тоа дека сателитот орбитира на височина од 700 километри.
Удари предизвикани од објекти со милиметарска големина не се неочекувани, но тие не можат да се регистрираат од земјата. Се следат само објекти поголеми од 5 сантиметри, за да можат да се избегнат, велат од ЕВА.
Судирот бил потврден откако инжинерите ги вклучиле камерите што се поставени на сателитот, кои не биле активирани од неговото лансирање во 2014 година.
Според изјавите на инженерите од ЕВА за „Motherboard“, шансите сателитот да биде погоден од објект со ваква големина се еден во 30 или еден во 130. Од друга страна, според НАСА, во орбитата сега се наоѓаат повеќе од 500.000 големи парчиња од вселенски отпад и милиони мали објекти, така што е среќна околност што сателитот не бил погоден од голем објект.
Од ЕВА истакнуваат дека судирот сепак нема да влијае на рутинските операции на сателитот и дека и покрај падот во производството на енергија од оштетениот соларен панел, сателитот има вишок енергија за да може да ги извршува секојдневните активности.
Иако не може со сигурност да се утврди со каков објект се судрил сателитет, доколку се работи за парче од вселенски отпад останат од претходни вселенски експедиции, ова претставува доказ за тоа колку можат да бидат опасни овој вид на остатоци.
Тоа значи дека е неопходно да се преземат сите мерки за да се избегне оставањето на вселенски отпад во вселената, за да се спречат вакви судри, како и да се остави чист вселенски простор за идните летови во вселената.