Стравувањата на инженерите од Европската Вселенска Агенција, дека е многу веројатно да биде прекината комуникацијата со Фили (за што пишувавме подетално во минатата статија), се остварија денес во раните утрински часови.
Во краток период, од 23:19 па се до 1:36 утринава, Фили успеа да ги емитува назад до вселенската агенција податоците кои ги собра со анализа на површината на кометата во изминатите речиси 57 часа. Дополнително, бил извршен и маневар за негово подобро позиционирање кон Сонцето, при што се подигнал за 4 сантиметри и се заротирал за 35 степени.
Сепак, со последното пренесување на податоци од мисијата, неговите енергетски резерви нагло биле исцрпени и преминал во фаза на хибернација.
Постојат минимални шанси наредната комуникација со модулот да биде остварена уште во текот на денешниот ден, како и секогаш кога Розета ќе надлетува над позицијата на Фили. Инженерите на Европската Вселенска Агенција сепак повеќе се надеваат дека благодарение на маневарот извршен во текот на вечерта, стабилен контакт со Фили ќе може да биде остварен во подоцнежниот стадиум на мисијата.
Во Агенцијата се задоволни од исходот на мисијата, бидејќи и покрај првичните проблеми со слетувањето на модулот, тој успеа да ја изврши својата главна мисија. Слетувањето извршено без дел од потисните мотори и автоматскиот систем за закотвување, е успех само по себе.
“Податоците кои ги добивме од Фили и Розета би можеле да ја направат оваа мисија пресвртница за целокупната наука за кометите“, вели Мет Тејлор, научник од тимот на Розета.
Почитувани пријатели моментално сме во тест период на интернет порталот за наука и технологија enauka.mk . Нашата идеја е да создадеме медиум преку кој ќе се запознаваме со најновите релевантни светски истражувања и достигнувања, кои треба да придонесат како за поголема инволвираност на стручните лица и државните институции така и за поттикнување нови идеи и критичко размислување кај сите нас. Вашата поддршка со коментари и сугестии ни значи многу во овој наш развоен период и за тоа сме Ви однапред благодарни! |