Италијанскиот производител на јахти „Jet Capsule“, дизајнира целосно одржлив пловечки дом во форма на летечка чинија.
Според компанијата, оваа летечка чинија е наменета за живеење и бавно патување низ светот со максимални брзини од 6,5 km/h. Моторот работи на батерии кои ја добиваат енергијата од соларни панели поставени на покривот, кои може да се затворат за да се заштитат од неповолни временски услови и бури.
Според дизајнерите, би можеле да се додадат и ветерни и водени турбини, што би овозможило доволно енергија за целата куќа (и за моторот за време на облачни денови). Водата се добива со помош на десалинизација на морската вода, како и систем кој ја прочистува дождовницата, а храната е во форма на зеленчукова градина која ја опкружува целата структура – иако не е објаснето како би издржала за време на бура.
Можеби најдобриот дел од целата куќа е долниот спрат, каде што покрај купатило и спална соба има и огромен прозорец под водата каде што луѓето можат да го гледаат животот под морето.
Главниот проблем претставува тоа како овој објект ќе се справи со немирното море и ќе остане стабилен, односно нема да потоне. Од компанијата велат дека е непотонлив поради еластичниот систем на сидро.
„Главната структура на пловечкиот објект може да се усогласи со компас, со што аголот на позиција ќе се ориентира кон посакуваната насока, дури и за време на лоши временски услови“, објаснуваат тие.
Засега, целата работа е само концепт. Компанијата во моментов бара инвеститори за да го изгради првиот прототип, кој би чинел неверојатни 800.000 американски долари. Тоа е цената за да се будите со различен поглед секое утро.