Генетски модифицирани комарци

Од април годинава пуштени се 6 милиони ГМ комарци, во предградието на Пирасикаба, каде што има најголема навала од комарци од видот „Aedes aegypti“, кои го пренесуваат вирусот на денга треската.

Сите генетски модифицирани комарци се машки и кога се парат со домородните женки го пренесуваат својот генетски материјал на потомството, што предизвикува тие да загинат пред да можат да ја шират оваат тропска болест.

ГМ комарците, исто така, носат и ген кој свети црвено под ултравиолетова светлина, што им овозможува на научниците визуелно да следат како функционира оваа стратегија.

ГМ комарците се дело на лабораторијата „Окситек“ од Абингтон, Велика Британија , а масовно се одгледани во фабрика во градот Кампинас во Бразил. Фирмата има дозвола да ги испушти комарците на цела територија на Бразил.

Планот е бројот на ГМ комарци да го надмине бројот на комарци преносители на болеста. Редукцијата на оваа популација за 95%, би требало да е доволна да го спречи ширењето на болеста. Едно неодамнешно тестирање во предградието на еден друг град во Бразил, Жуазеиро, покажало дека за шест месеци, ГМ комарци ја редуцирале популацијата на домородните комарци за над 90%.

Сепак, дали редукцијата на комарците преносители ќе доведе и до пад на појава на болеста, останува допрва да се утврди.

„Теоретски, ако има помалку комарци, има и помалку преносители. Но, во реалноста тоа треба дополнително да се испита. Може да има многу комарци, но мал број од нив да бидат инфицирани, или да има малку, но сите да бидат инфицирани, што значи може да го намалите бројот на комарците, а тоа да не влијае на ширењето на болеста“- вели Маргарет Капуро од Универзитетот во Сао Паоло, шеф на тимот кој ги врши испитувањата во Бразил , во име на Окситек.

Окситек исто така се очекува да добие дозвола од Американската Администрација за храна и лекови, да ги тестира комарците и во Флорида  како превентивна мерка.

Своите наоди Окситек ги објави во списанието „PLOS“.


Поддржете ја нашата работа: