„HoloLens“ претставуваат вид на очила кои проектираат холограми во вашето видно поле. Всушност како да имате екран во вашето видно поле, бидејќи пред вас се појавува правоаголно прозорче каде што се прикажани сликите, а се’ уште може да ја видите реалноста надвор од границите на тоа прозорче, со помош на периферниот вид, па всушност повеќе се работи за надополнета реалност отколку за виртуелна.
Го управувате со вашите очи, раце и глас. На пр. за да „кликнете“ на екранот, ја држите вашата рака во тупаница пред лицето и го кревате и спуштате прстот, всушност како да „кликнувате“ во воздухот.
Мајкрософт имаше четири презентации на „HoloLens“, секоја дизајнирана за да покаже различна употреба. Првата, „Holo Studio“, е систем дизајниран за изградба на 3Д предмети, кој покрај тоа што ви овозможува да создадете 3Д предмети, исто така ви овозможува и да манипулирате со нив и да ги поместувате.
Втората презентација го вклучува користењето на „HoloLens“ за играта „Minecraft“, при што холограмската графика на играта е проектирана на мебел и можете да ја играте насекаде низ домот.
Третата презентација овозможува повик на „Skype“, во конкретниов пример на таткото кој и објаснува на ќерката како да смени цевка во бањата, при што може да додаде забелешки во видното поле.
Четвртата презентација овозможува одење на Марс. „Microsoft“ ги искористил фотографиите од роверот „Curiosity“ за да направи 3Д пејсажи од пределите и со очилата, чувството е исто како да сте таму, а „Curiosity“ да е позади вас. Ова би им помогнало на научниците виртуелно да ја истражуваат планетата.
Иако „HoloLens“ се се’ уште далеку од постанување комерцијален производ, главно поради хардверот и батериите на кои се’ уште се работи, тие ја претставуваат иднината на компјутерите, иднината на „Windows“, а со тоа и на самата компанија „Microsoft“.