Хормон што може да ја потисне желбата за слатко и алкохол

Ретко кој од нас може да им одолее на слатките, особено за време на празниците. Иако желбата за слатки е нормална, физиолошкиот механизам кој ја регулира нашата потреба за слатка храна не е потполно дефиниран. Но, две нови истражувања покажале дека клучниот фактор што ја регулира оваа потреба се наоѓа во црниот дроб.

Едното истражување спроведено од Универзитетот во Ајова кое е направено на глувци, покажало дека хормонот наречен фибробластен фактор на раст 21 (FGF21), што се создава во црниот дроб, помага да се регулира внесот на шеќерите.

Фибробластен фактор на раст 21 се продуцира во црниот дроб како одговор на зголеменото ниво на шеќерот во крвта. Од таму, тој влегува во крвотокот и му сигнализира на мозокот да го потисне апетитот за слатко.

Во текот на тестирањата на глувците им бил вбризган „FGF21“ и им било овозможено да изберат помеѓу храна богата со шеќер и нормална храна. Глувците кои јаделе од храната со шеќер изеле седум пати помалку храна од глувците во контролната група.

Покрај ова истражување направено на нормални глувци, истражувачите направиле уште едно истражување на генетски модифицирани глувци, од кои едни воопшто не продуцирале „FGF21“ и други кои продуцирале 500 пати повеќе од овој фактор од нормалните глувци. Кога им бил даден истиот избор на храна, глувците кои немале „FGF21“ изеле многу повеќе храна богата со шеќер од глувците со високо ниво на овој фактор.

Иако „FGF21“ го намалува апетитот и внесот на шеќер кај глувците, тој не влијае на конзумирањето на сложените шеќери, белковините или мастите. Овој фактор исто така влијае и на апетитот за другите видови шеќери (како сахарозата, фруктозата, гликозата), но на различно ниво.

Во едно друго одделно истражување спроведено од Универзитетот во Тексас, направено на глувци и мајмуни, добиени се слични резултати кога е испитувано дејството на „FGF21“ во намалувањето на апетитот за слатко кај овие животни. Ова истражувањето исто така покажало дека овој хормон кај глувците ја намалува потребата за конзумирање на вода во која бил додаден алкохол. Доколку овој ефект врз алкохолот може да се повтори и кај луѓето, тоа ќе значи отворање на нови можнсти за третирање на лицата кои имаат проблем со алкохолот. Покрај тоа, ова истражување покажало дека глувците со зголемено ниво на „FGF21“ покажуваат забележително намалување на нивото на допамин – невротрансмитер кој има централна улога во системот за задоволство.

Улогата на „FGF21“ кај животните сѐ уште не е целосно јасна – дали се работи за некој вид на механизам за подобрување во исхраната или делува како одбранбена компонента која му помага на црниот дроб да се заштити од прекумерно козумирање на штетни материи. Но, понатамошните истражувања ќе помогнат подобро да се разбере неговата улога, а со тоа и како да го подобриме нашето здравје, истакнуваат истражувачите.

Истражувањата се објавени во „Cell Metabolism“.

Поддржете ја нашата работа: