И крокодилите сакаат да си играат

Владимир Динетс, професор по психологија на Универзитетот во Тенеси, Ноксвил, веќе една деценија ги проучува крокодилите. Тој забележал дека крокодилите си играат и за да добие повеќе податоци направил неформална анкета на луѓе заинтересирани за крокодилите, на социјалните медиуми и на различни конференции. Неговите наоди покажуваат една „помека“ страна на овие застрашувачки суштества.

Крокодилите се вклучуваат во сите три главни видови на играње, дефинирани од специјалисти: локомоторно играње, играње со предмети и социјално играње. Најчесто биле забележани како си играат со предмети и тоа со дрвени топки, керамички парчиња, со самата вода, нивниот плен, како и ѓубрето во водата. Локомоторното играње го вклучувало процесот на постојано „лизгање“ по падините и „сурфање“ по брановите, а социјалното играње најчесто вклучувало бебиња алигатори кои се „возеле“ на грбот на постарите или си се „додворувале“, или пак женки кои се „возеле“ на грбот на своите мажјаци.

Крокодилите, исто така, понекогаш си играле и со други животни. Динетс забележал помлад алигатор кој си играл со видра во реката. Во некои ретки случаи, се поврзуваат и си играат и со луѓето.

Ова истражување на Динетс се надоврзува на работата на Гордон Бургарт, професор на катедрата за психологија и одделот за екологија и еволуционарна биологија, кој го дефинирал играњето на начин кој ни дозволува да го препознаеме во видови за кои претходно се сметало дека не се способни за игра, како што се осите, рибите и безрбетниците.

Истражувањето, објавено во „Animal Behavior and Cognition“, обебедува дополнителни докази дека играњето е универзална карактеристика на „интелигентните“ животни – оние со комплексно, флексибилно однесување. Овие наоди може да помогнат при утврдувањето на начинот на кој интелигенцијата еволуирала и што е потребно за нејзиниот развој.

„Стотици илјади крокодили се заробени во зоолошките градини и центрите за загрозени видови. Ако им дадеме играчки и други можности за играње ќе ги направиме посреќни и поздрави“, вели Динетс.

ЕНаука.мк e проект во кој главната движечка сила се лица со хендикеп и негови главни цели се враќање на интересот за науката и технологијата во нашите домови, институции и медиуми, како и да докаже дека вистинското место на лицата со хендикеп е во македонската наука и економија. Редовното посетување на нашиот портал, споделувањето и дискусија на интересните статии ќе овозможи одржливост на овој проект и ќе поттикне други слични идеи од кој бенефит би имало целото општество.

 

Поддржете ја нашата работа: