Човекот позади тие фотографии, односно оној кој ги обработува и ги подготвува за јавноста е Золт Левеј. „The Insight“ зборуваше со Золт за важноста на таквите небесни слики и значењето кое овој астрономските потфат го има за нашите животи.
Навистина е неверојатно да се гледа космосот секој ден. Дали се сметате за привилигиран што имате пристап до, да кажеме, последниот двоглед на она што Сејган го нарече „брегот на космичкиот океан“?
Секако дека е привилегија да се работи со некои од најдобрите астрономски податоци, и заедно со посветени и талентирани професионалци од тимот на Хабл, за да може резултатите од Хабл да се направат достапни за сите во светот. Се разбира тоа не е толку романтично како седењето на контролите на најмоќниот телескоп во светот. Впрочем, Хабл е изграден за да работи во име на науката и потребни се големи напори на голем тим за да работи. Едни научници предлагаат набљудувања што потоа се разгледуваат од други научници, а резултатите потоа им се достапни на сите и се анализираат во текот на многу години. Сликите кои можете да ги видите потекнуваат од научни програми и ги илустрираат најавите на резултатите. Почестен сум што имам удел во објавувањето на тие резултати низ целиот свет.
Што првично Ве привлече кон тимот на Хабл?
Проектот Хабл (Hubble Heritage Project) беше основан од страна на група астрономи во 1998 г. Тимот, речиси секој месец, објавува слики од небесни тела како планети, ѕвезди, галаксии и кластери (јата) на галаксии.
Се заинтересирав за технологија и наука, особено астрономија, многу рано во мојот живот. Исто така, имав голем интерес, или поточно страст, за фотографирање. Иако дипломирав астрономија, не го следев „стандардниот“ пат кон една академска кариера. Исто така, студирав информатика и програмирање и поминав неколку години во развивање на софтвер за неколку мисии на НАСА, и на крајот завршив на мисијата Хабл во Научниот институт на вселенскиот телескоп. Со текот на времето, ми се отвори можност да продуцирам слики и графики за да се објават резултатите од Хабл, што ми се чинеше како одлична работа каде што се вклопува моето искуство со астрономија, софтвер и фотографија.
Прилично многу сте обврзан со Хабл. Што е она што прави еден човек да си го посвети својот живот на испитување на вселената?
Не беше тешко да се обврзам за вселенскиот телескоп Хабл; уште пред да се лансира телескопот, кога се приклучив, проектот беше дел од програмата „Flagship“ и се очекуваше да постигне огромен успех. На почетокот на мисијата беше потешко, со сериозна загриженост за сериозните проблеми на телескопот, за тоа дали ќе се надминат или пак мисијата ќе мора да се прекине. Но, откако Хабл беше поправен, со секоја следна мисија, телескопот стануваше се’ подобар, а наградите беа задоволувачки.
Најголемиот дел од времето, работам со фотографиите, како и со други секојдневни аспекти на работата, без многу да размислувам за пошироките последици. Но, неодамнешното внимание околу 25-годишнината на Хабл обезбеди можност да се разгледаат неговите достигнувања и фотографии. Успеавме да создадеме и да објавиме колекција на неверојатни слики кои ги надополнуваат големите научни откритија на Хабл, и да им овозможиме на сите поглед на универзумот од уникатната перспектива на Хабл.
Хабл ни овозможува да откриваме се’ повеќе и повеќе за нашиот универзум. Што за Вас е највосхитувачкото нешто што Хабл го открил?
Едно од најневеројатните аспекти на природата е нејзината меѓусебна поврзаност и тоа како размерите на големината и времето се толку неизмерно различни – најчесто неверојатно различни од перспективата на нормалното човечко искуство. Како се однесува материјата под влијание на нуклеарни сили кои дејствуваат на бескрајно малите размери на атомите, е поврзано со формирањето и уништувањето на ѕвездите и галаксиите кои се напојуваат со енергијата која се ослободува од тие атоми, заедно со дејството на гравитацијата на космички растојанија. Материјата во вселената се рециклира на космичка скала; сите сме направени од елементи кои се создадени при супернова експлозии кои растргнале масовни ѕвезди. „Сите сме направени од ѕвездите“, како што Карл Сејган славно кажа. Но, јас исто така мислам дека е неверојатно тоа што луѓето еволуирале да можат да заклучат како функционира природата, дури и во крајноста на нечовечки размери, преку набљудување и експериментирање.
Претседателот Обама неодамна објави слика од Хабл на Твитер. Колку Хабл комуницира со политичарите, дали светските лидери сакаат да знаат што има таму?
Сигурен сум дека многу светски лидери се љубопитни за природниот свет и особено за космосот, како и повеќето луѓе, иако секако се зафатени решавајќи секојдневни политички прашања и раководејќи со владите. Беше огромно задоволство да се види дека претседателот Обама почувствувал дека резултатите од Хабл се доволно важни за да ги објави на Твитер. Во принцип, вселенската програма, а особено Хабл, уживаат голема поддршка од јавноста и владите, иако постојат дискусии за тоа како најдобро да се извршува вселенската политика. Многу лидери го признаваат придонесот на НАСА и мисиите како Хабл, не само за продолжувањето на нашето разбирање за природата и универзумот околу нас, туку исто така и за инспирирањето на луѓето, особено студентите, да се вклучат во изучувањето и применувањето на знаењето за решавање на светските проблеми. Се надевам дека лидерите ќе бидат свесни за откритијата на науката и дека ќе ги применат резултатите при донесувањето на одлуки за политиките кои влијаат на сите нас.
Технологијата напредува и станува поефикасна со неверојатна стапка. Што значи тоа за светот на астрономијата и конкретно Вашата работа?
Напредокот на технологијата ни овозможува да продолжиме да го истражуваме универзумот со поголема сила и прецизност. Ќе продолжиме да гледаме напредок кој ќе ни овозможи истражување во различни енергии за да се осврнеме на потешките прашања. Телескопот Џејмс Веб, чие лансирање е планирано за 2018 година, е пример за тоа. Користењето на врвна технологија за да се сними најслабата инфрацрвена светлина од најблискиот до најодалечениот раб на универзумот е надвор од границите на способностите на Хабл. Исто толку важен е и развојот на технологијата која им овозможува на граѓаните насекаде низ светот да имаат пристап до научните резултати повеќе од кога било досега, па дури и да учествуваат во истражувањата и откривањата. Достапноста на неверојатни телескопи, камери и компјутери (на кои па и не така одамна би им завидувале дури и професионалните астрономи) им овозможуваат на луѓето да ја следат и спроведуваат астрономијата како никогаш досега.
Разбравме дека во моментов сликите од Хабл се направени во црно-бело, а потоа се користат филтри за да се одредат боите. Дали на крајната слика е преставено она што нашите очи навистина би го виделе?
Камерите на Хабл автоматски не произведуваат слики во боја. Камерите се дизајнирани да ја снимат светлината колку што е можно попрецизно, а ние го правиме последниот чекор за да ги конвертираме тие податоци во слики во боја, што не е исто со тоа што се случува автоматски во секојдневните камери. Филтрите во камерата овозможуваат селектирање на одредени бои од белата светлина која телескопот ја собира. Сликите од одреден објект се прават на тој начин што се користат различни филтри, потоа се нанесува бојата на сликите и се комбинира фотографијата во боја. Дури и нашиот очи ја прават истата магија – го одредуваат местото по боја, а мозокот ја реконструира сликата во боја што ја гледаме. Но, со оглед на тоа што камерите на Хабл се различни од нашите очи, сликите не се онакви какви што би ги виделе дури и кога директно би гледале низ телескопот.
Ние се стремиме да ги визуелизираме сликите колку што е можно повеќе од она што е снимено. Така, ги прилагодуваме сликите да покажуваат детали од информациите во целиот спектар на светлината снимена од камерите. Ова вклучува комбинација на наука и уметност, објективност и субјективност, што и не е многу различно од она што фотографот го прави кога ги развива сликите. Во суштина, боите на сликите од Хабл се поживи и објектите изгледаат многу посветли отколку што нашите очи би ги виделе. Сликите од Хабл се спектакуларни, но не поради техниките за преработка кои ги користиме, туку поради тоа што материјалите со кои работиме се едни од најдобрите астрономски податоци кои ни се достапни.
Од сите слики на кои сте работеле, која Ви е омилена?
Многу од сликите на Хабл се многу моќни за мене. Една од нив е маглината Карина – динамичен регион во нашата галаксија каде што ѕвездите активно се формираат од густи облаци на гас и прашина. И визуелно и концептуално сликата ја покажува оваа активност и има многубројни детали кои може да одземат многу време доколку се истражуваат. Уште една слика на која постојано се навраќам е онаа од „NGC 1300“ – една од најдобрите примери на еден вид на галаксија која е наречена забранета спирала. Покрај елегантната форма на храбрата спирална структура, во колоритниот композит има и неверојатни детали: прекрасни спирални краци и ленти од прашина кои се простираат се до светлото јадро, бројни региони каде што се формираат ѕвездите, доволно проѕирен ѕид за да можат да се забележат далечните галаксии во позадината – сето ова ми буди драматично чувство на длабочина.
Науката направи голем напредок во мапирањето на видливиот универзум. Како го направи тоа без Хабл и што точно Хабл може да придонесе за сето тоа?
Хабл е неверојатно моќна машина, таа е еволутивен, но истовремено и револуционерен чекор во астрономските опсерватории. Како што напишал Исак Њутон, стоиме на рамениците на гиганти; повеќето од она што го знаеме за космосот е откриено пред Хабл, со помош на моќни телескопи прицврстени за земјата, кои се наоѓале на високите планини. Но дури и најмоќниот телескоп на земјата е ограничен поради искривувањето на светлината од универзумот, предизвикано од атмосферата. Со лансирањето во орбитата, над атмосферата, Хабл има почист поглед на универзумот. Едвин Хабл, по кого телескопот беше именуван, направи фундаментални откритија пред речиси 100 години со телескопи на планината Вилсон и Паломар во Калифорнија. Многу други телескопи на земјата и во вселената продолжуваат да го проучуваат универзумот и да откриваат нови работи секојдневно, со што неизмерно се збогатува нашето знаење.
Колку е светла иднината на истражувањата на вселената?
Иднината е многу светла за истражувањето на вселената, се додека владите, граѓаните и корпорациите обезбедуваат ресурси за тоа. Лансирањето во вселената е скапо, тешко и ризично, но резултатот е непроценлив. НАСА и вселенскиот агенции низ светот продолжуваат да ги поддржуваат постоечките вселенски мисии и планираат да развијат нови. Многу возбудливи нешта се на хоризонтот – астронаути кои се враќаат во орбитата или на Месечината, истражување на астероиди, па дури и на Марс, роботски опсерватории и сонди кои ќе продолжат да го истражуваат сончевиот систем. Со текот на времето, ќе имаме примероци од други планети, астероиди и комети, а можеби и за брзо време ќе пронајдеме докази за живот на други планети. Телескопот Џејмс Веб ќе се лансира во 2018 година и ќе се надоврзе на откритијата на Хабл, со што нашето разбирање за универзумот ќе се доближи до Големата Експлозија.
Па, кога не сте окупирани со вселената, што правите во Вашето слободно време?
Црпам многу енергија од моќни пејзажи како што се националните паркови во САД, но исто така и од големи културни центри како што се старите градови во Европа со неверојатна архитектура, споменици и колекции во музеите. Голем дел од мојот живот страсно ја следев фотографијата и во фотографиите се обидував да ја доловам суштината на местата кои ги посетував. Исто толку време сум заинтересиран и за астрономијата, па овие две интереси често се вкрстуваат. Се обидувам да го вметнам ноќното небо во фотографиите на пејзажи и се разбира сакав да студирам астрономија и да изградам кариера. Другите интереси се вртат околу старите стилови и дизајни кои го издржале тестот на времето. Уживам во класичната музика, историјата на артефактите на античките цивилизации, старите мајстори и импресионистичките слики. Филозофски, сметам дека е многу важно да се зачува и заштити она што го имаме во природниот свет, пејсажите, вклучувајќи го и ноќното небо и историските артефакти, и се надевам дека ќе најдеме одржлив начин да го користиме скапоцените ресурси.
За што сте највозбудени и најентузијастични во моментов, во светот на науката?
Лендерот Фили се разбуди на кометата 67П по слетувањето во сенка, а Розета продолжува да орбитира како што кометата се приближува кон Сонцето. Една сонда орбитира околу џуџестата планета Церера, а „Нови Хоризонти“ прелета преку Плутон. Неверојатно е тоа што може да изградиме софистицирани уреди за од далеку да го истражиме сончевиот систем и да научиме многу за екстремно далечните светови. Живееме во неверојатно време кога софистицираната технологија, комуникација и софтверска анализа придонесуваат за напредок во сите области на науката, иако сме преплавени со информации и податоци.