Британски археолози открија стари патишта изградени од страна на римските доселеници во 1-виот век од нашата ера. Римјаните биле познати по своите големи инфраструктурни проекти, како и по напорите да се прошират далеку во Велика Британија.
Археолозите користеле напредна технологија со ласерска светлина, наречена „Lidar“, за да ги откријат тајните на оваа транспортна инфраструктура која е стара со векови.
Оваа ласерска технологија за прв пат е измислена во 1960 година и користи ултравиолетова светлина, видлива светлина и светлина близу до инфрацрвената, за да мапира објекти со многу висока резолуција. Може да детектира и широк спектар на материјали, па дури и молекули.
Всушност, оваа технологија е слична на сонарот (кој користи звучни бранови) и радарот (кој користи радио бранови), но наместо тоа користи светлосни ласери. Потоа, се мери рефлексијата на светлината, па може да се пресмета висината и позицијата на предметите. Иако не може да ги детектира објектите кои се закопани под земја, може да детектира суптилни вовлекувања во пределите, што на историчарите им ги дава трагите кои се потребни за да ги забележат патиштата, кои инаку не би биле видливи на стандардните фотографии и мапи.
Ова откритие им овозможува на историчарите да сфатат како римските легии ги освојувале и се движеле низ областите во Северна Англија од 43 година, што би можело да доведе и до поголемо разбирање на односите помеѓу Римјаните и северните племиња.
Досега се пронајдени 5 изгубени патишта, додека други потенцијални рути се’ уште се проверуваат со теренска работа.