Истражување на гравитациската константа

Ова истражување помага да се одговори нерешеното прашање во космологијата – Дали силата на гравитација е иста насекаде и во секое време? Одговорот, засега, е да.

Астрономите, со помош на телескопот „Green Bank“ во Западна Вирџинија и опсерваторијата „Arecibo“ во Порторико, спроведоа 21-годишно истражување за прецизно да го измерат пулсарот познат како „PSR J1713+0747“.

Пулсарите се густи остатоци од масовни ѕвезди кои експлодирале како супернова. Од Земјата може да се забележат поради сноповите на радио бранови кои излегуваат од нивните магнетни полови и се движат низ вселената, како што пулсарите ротираат. Бидејќи тие се зачудувачки густи и масовни, а сепак релативно мали во пречник (20-25 км.), некои пулсари се во состојба да ја зачуваат конзистентноста на својата стапка на ротирање, слично на најдобрите атомски часовници на Земјата. Оваа карактеристика ги прави пулсарите исклучителни космички лаборатории за проучување на фундаменталната природа на просторот, времето и гравитацијата.

Овој пулсар се наоѓа на приближно 3.750 светлосни години од Земјата. Орбитира околу бела џуџеста ѕвезда и е еден од најсветлите и најстабилните пулсари кои се досега познати. Претходните истражувања покажале дека му се потребни 68 дена за да орбитира околу својата ѕвезда, што значи дека има невообичаено голема орбита. Ова е од суштинско значење за истражувањето на гравитацијата бидејќи ефектите на гравитациската радијација (постојаната конверзија на орбитална брзина во гравитациски бранови, како што предвидел Алберт Ајнштајн) е неверојатно мала и не би имала значително влијание на орбитата на пулсарот. Поизразена промена на орбитата би пречела на точноста на експериментот.

Податоците кои биле добиени од овој експеримент, се во согласност со оние од претходните истражувања, односно ја покажуваат непроменливата гравитациска константа во далечен ѕвезден систем.

„Гравитациската константа е фундаменталната константа на физиката, па затоа беше важно да ја тестираме основната претпоставка користејќи објекти на различни места, во различно време и различни гравитациски услови. Фактот што гравитацијата е иста во нашиот сончев систем и во еден далечен ѕвезден систем ни помага да потврдиме дека гравитациската константа е навистина универзална“, истакнуваат научниците.

Поддржете ја нашата работа: