Истражувачкиот извештај „Сегрегација на децата Роми во образовниот процес“ од 2014 година е објавен од Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Комисијата за заштита од дискриминација.
Основната цел на овој истражувачки труд е да се утврди дали во Република Македонија на национално ниво и на ниво на некои општини, процентот на деца Роми кои се категоризирани како лица со попреченост е значително поголем во однос на процентот на вкупниот број на деца Роми, во однос на вкупниот број на деца, припадници на сите етнички заедници. Односно, дали појавата на индиректна дискриминација преку сегрегација на децата Роми е системска, долготрајна и општествено вкоренета.
Истражувањето покажа дека во периодот од 2010 до 2014 година е забележан висок процент на сегрегација на децата Роми, како во редовните училишта во рамките на редовните и посебните паралелки, така и во посебните училишта што претставува индиректна, системска и долготрајна дискриминација.
Притоа, најпроблематични се општините: Штип, Кочани, Битола, Кисела Вода, Куманово, Виница, Прилеп, Делчево, Кавадарци и Битола, но не е занемарлив процентот и во голем број други општини.
Истражувањето заклучи дека не постојат јасни протоколи за разграничување на образовната запоставеност од пречките во психичкиот развој кои доведуваат до интелектуална попреченост, ниту стандардизирани тестови при процените кои се прават во рамките на комисиите на различни нивоа.
Не постојат ниту стандардизирани тестови и во работењето на стручните служби на училиштата во текот на запишувањето на детето во прво одделение или во текот на оценувањето на неговата евентуална попреченост во текот на повисоките одделенија.
За крај, трудот заклучува дека недостасува институционална соработка во текот на креирањето на политиките за надминување на овој проблем и во текот на категоризацијата на децата со лесна интелектуална попреченост воопшто. Но, сепак, има напредок во обидите да се надмине овој проблем и да се креира нов модел кој ќе придонесе кон проценување на способностите на детето, а не категоризирање на попреченоста.
Автор на истражувачкиот извештај е проф. д-р Јован Ананиев, а уредник доцент д-р Жанета Попоска од Правниот факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип.
Извештајот е достапен на следниов линк, како и на официјалната веб страница на Комисијата за заштита од дискриминација.
Текстот е добиен во соработка на enauka.mk со универзитетот Гоце Делчев и нивниот интернет портал life.ugd.edu.mk за заедничка промоција на македонската наука.