Јазикот и гените еволуирале заедно?

Здравото расудување налага дека како што групи луѓе оделе и населувале различни географски области, така и нивните гени и јазик би требало да се одвојуваат. Иако интуитивна, оваа теорија е навистина тешко да се докаже.

Едно истражување објавено во „Proceedings of the National Academy of Sciences“ конечно успеа да го квантифицира овој комплексен сооднос помеѓу географските, јазичните и генетичките податоци.

Истражувачите ги споредиле алелите-делови од ДНК, со фонемите, во однос на географската распространетост. Тие направиле директна споредба на демографската историја на кратките секвенци на ДНК што варираат од човек до човек кај 264 популациони групи во светот, со поставеноста на фонемите (гласовите) од 2.082 јазици.

Бидејќи јазиците и гените трпат генерациски модификации и на нив влијаат еволутивните процеси како што се миграциите, популационата дивергенција и други околности, комбинацијата на лингвистичките и генетските податоци е природен пристап за проучување на човечката еволуција.

Картата покажува како во повеќето делови од светот, алелите и феномите заземаат исти области, дури и дека се движеле по слични траектории.

Само еден јазик – асамски – целосно „скршнува“ од својата географска група, додека сите останати покажуваат дека се во блиска врска со својот генетски „партнер“. Овие податоци, споени со помош на напредна статистичка техника, им помогнале на истражувачите конечно да демонстрираат дека гените и јазиците се тесно поврзани и имаат тенденција да патуваат заедно. Друг интересен податок е дека геогафски најблиските јазици имаат тенденција да делат исти особини, иако не се лингвистички поврзани.

„Кога два јазика се географски блиску, тие имаат тенденција да делат повеќе исти фонеми, дури и кога не се тесно поврзани, што укажува на поврзаноста помеѓу фонемите и географијата – во и помеѓу јазичните семејства“, велат истражувачите.

Истражувањето исто така покажува дека, спротивно на генетското одвојување, јазичната изолација води до поголема разновидност во фонемите. Ова сугерира дека и покрај тоа што и јазикот и гените се поврзани географски, тие се развивале со многу променлива брзина.

Поддржете ја нашата работа: