Да се дојде до чиста вода во Јемен е исклучително тешко. Селаните често пати со денови немаат доволно чиста вода за задоволување на секојдневните потреби, а со климатските промени оваа состојба станува уште понепредвидлива.
Но, благодарение на новата иницијатива спонзоирана од Обединетите Нации, се отвора нова надаж да дојдат до вода и тоа преку собирање на маглата.
Во Јемен магла има насекаде, се појавува секое попладне и често се задржува до раните утрински часови. Одгледувачите на кафе веќе користат камења за да ја претворат оваа магла во вода за наводнување на посевите. Локалните жители сега користат паноа со мрежи со димензија 3 х 2 метри за кондензирање на маглата и според извештаите, со една ваква мрежа се добива вода доволна за потребите на седмочлено семејство.
Собирањето на магла не е потполно нова идеја – веќе е користена во Мароко, Чиле, Гватемала и Хаити, а жителита на Јемен експериментираат со ова уште од 2003 година, но дури последните две години се добиени задоволувачки резултати.
Проектот на Програмата за развој на ОН опфаќа инсталирање на вакви собирачи на магла и обука на локалното население како да ги користи. Покрај овие собирачи на магла, се користат и локалните бамбусови дрвја за изработка на покриви за цистерните во истите области за да може собраната вода безбедно да се чува.
Граѓанската војна и санкциите го опустошија Јемен во последните години, а се проценува дека главниот град на земјата целосно ќе остане без вода до 2017 година. Овие паноа за собирање на магла, од кои секој обезбедува 40 литри вода дневно и чини 15 долари, може да помогнат да се обезбеди дел од потребната помош за локалните заедници во регионот.