И кафето и чајот содржат уникатни компоненти, од кои некои се здрави, а некои имаат потенцијал да бидат ризични по здравјето. Но, чајот има подобар углед како поздрав напиток. Дали е тоа навистина така?
Додека чајот е најшироко конзумираниот пијалок во светот веднаш по водата (а пред пивото), кафето е попопуларно.
Потекло
Според легендата, чајот бил откриен од страна на Императорот на Кина во 2737 година п.н.е. кога тој загревал вода под едно дрво и случајно од дрвото паднале неколку лисја. Потоа станал популарен кај учителите и свештениците во Кина и Јапонија, кои го пиеле за да останат будни, да учат и да медитираат. Можеби затоа овој топол пијалок отсекогаш се поврзува со смиреност, духовност, бистрење на мозокот и солидно здравје.
Од друга страна, кафето се појавило многу подоцна. Се смета дека потекнува од етиопските висорамнини, каде што според легендата, козарот Калди забележал дека неговите кози се хиперактивни откако изеле некои плодови од некое дрво. Потоа, кафето се раширило до монасите во манастирите каде што го пиеле за да останат будни и да се молат. Оттаму, се проширило до Арапскиот Полуостров.
И кафето и чајот многу долго време останале пијалоци на Истокот. Кафето пристигнало во Европа дури во 17-тиот век.
Здравствени придобивки
Поради големиот број на контрадикторни истражувања, тешко е да се посочат точните придобивки од овие пијалоци. Според некои истражувања, кафето има способност да ја намали инциденцата на деменција, Алцхајмер, па дури и дијабетес тип 2. Кафето содржи повеќе кофеин од чајот, што значи дека неговите нивоа на стимуланси можат да им помогнат на астматичарите со опуштање на дишните патишта. Исто така, ја намалува мигрената, поради што позитивно влијае и на мамурлакот.
Факултетот за јавно здравство при Харвард ги анализирал севкупните ефекти на кафето врз здравјето и заклучил дека пијалокот е прилично неутрален – не предизвикува сериозни здравствени проблеми, но и нема специфични здравствени придобивки. Што значи, ако сте страствен љубител на кафе, нема за што да се грижите.
Од друга страна, чајот е богат со антиоксиданси и потенцијални својства против рак. Според Меѓународниот институт за здравје, чајот содржи полифенол соединенија – антиоксиданси кои би можеле да помогнат во спречувањето на рак. Иако нема доволно истражувања во оваа област, чајот се смета за терапевтски или медицински пијалок кој има благотворен и подмладувачки ефект. Сите видови на чај се направени од листовите на растението „Camellia sinensis“. Нивото на оксидација на листовите го дефинира видот на чај – бел, црн или зелен чај.
Во секој случај, како и се’ што содржи кофеин, премногу кафе или чај може да предизвика зголемена анксиозност, тахикардија, несоница, немир и гадење. Големите количини на нефилтрирано кафе се поврзуваат со зголемени нивоа на лош холестерол (LDL), додека флуорот во чајот го зголемува ризикот за кршливи коски и скелетна флуороза.
Да бидеме искрени, треба да престанете да се грижите за тоа дали чајот е поздрав од кафето, или обратно. И двете имаат свои добри и лоши страни, но воглавно, во умерени количини, не се штетни за здравјето. Негативецот во овој случај е шеќерот – па слободно уживајте во вашето омилено кафе или чај со колку што е можно помалку шеќер.