Како кремите за заштита од сонце всушност не штитат од сонцето?

Без разлика дали сте на плажа, на планина или едноставно на прошетка надвор, вие сте бомбардирани од невидливи УВ зраци кои може да ја потемнат или изгорат вашата кожа. Овие ултравиолетови зраци исто така може да ја оштетат вашата ДНК во клетките на кожата и да предизвикаат генетски мутации кои може да доведат до појава на рак на кожата. За среќа, може да се заштитите од сето ова со помош на кремите за заштита од сонце.

Кремите за заштита од сонце (како и спрејовите, лосионите, геловите или восоците) се направени од мешавина на хемикали. Неорганските хемикалии ги рефлектираат, односно одбиваат сончевите зраци од кожата, а органските (засновани на јаглерод) ги апсорбираат УВ зраците наместо кожата. Како што ги апсорбираат зраците, органските компоненти на кремата полека се распаѓаат и ослободуваат топлина.

Некои неоргански материи, вклучувајќи ги минералите како цинк оксид или титаниум диоксид, делуваат како физички блокатори на сонцето. Тие ги рефлектираат УВ зраците слично како што белата боја ја рефлектира светлината.

Факторот за заштита од сонцето кој е обележан на амбалажата на кремите се однесува на тоа колку добро кремата може да не заштити од еден вид на УВ радијација, односно зраци наречени УВ- Б зраци кои предизвикуваат изгореници на кожата и неколку видови на рак на кожата.

Другиот вид на зраци – УВ-А зраци продираат длабоко во кожата и може да предизвикаат предвремено збрчкување на кожата, флеки на кожата, и исто така и го зголемуваат ризикот од некои видови на рак на кожата. Кремите за заштита се обележани со широк спектар за заштита и од двете видови на зраци, но во моментов не постои стандард за ефикасноста на блокирањето на УВ-А зраците. Неорганските соединенија во кремите кои ги рефлектираат сончевите зраци, ги рефлектираат и двете видови на УВ зраци.

Woman Applying Sunscreen --- Image by © Royalty-Free/Corbis

Повеќето здравствени организации препорачуваат користење на креми со фактор помеѓу 15 и 50. Според клиниката Мајо, крема за заштита од сонцето со фактор 15 не штити од 93% од УВ зраците, додека крема со фактор 30 не штити од 97% од зраците. Ниеден фактор не може 100% да ги блокира УВ зраците.

Бидејќи УВ зраците можат да навлезат во кожата и преку кремите за заштита, факторот всушност се однесува на тоа колку време е потребно за кожата да изгори. Така на пример крема со заштитен фактор 15 значи дека ќе спречи вашата кожа да поцрвене приближно 15 пати подолго од вообичаеното (ако обично поцрвенувате за 10 минути, тоа значи дека крема со фактор 15 ќе спречи да поцрвенете за околу 150 минути, или 2,5 часа), според Американската академија за дерматологија.

Но, бидејќи повеќето луѓе не користат доволно крема, или поради тоа што таа често се отстранува или измива, Фондацијата за рак на кожа препорачува кремата да се нанесува на секои два часа, без разлика на нејзиниот фактор. Бидејќи и ова не овозможува целосна заштита, здравствените организации исто така препорачуваат користење на капа и очила за сонце, како и умерено изложување на сонце.

Поддржете ја нашата работа: