Како се развива пилето?

Дали некогаш сте се запрашаале како се развива пилето во внатрешноста на јајцето?

Неодамна на интернет се појави едно видео кое предизвика огромно внимание кај љубителите на науката. Имено, видето прикажува како се одвива развојот на пилето, но во јајце без лушпа. Видеото е на јапонски, но како што објаснува „The Huffington Post“ се работи за јапонска техника развиена во 2014 година.

Во видеото се прави демонстрација на оваа техника пред средношколци и се одвива на следниот начин: прво учениците го кршат јајцето купено од продавница во стерилен сад за култивирање и го покриваат со пластичен филм.

Јајцето потоа вештачки се оплодува и се поставува во инкубатор. После неколку дена може да се види како се формираат крвните садови и отчукувањето на срцето. Потоа почнуваат да се развиваат карактеристиките на пилето, внатре во вештачката лушпа, каде што е заштитено од бактериите и кислородот од надворешниот свет.

На крајот од видеото се гледа малото пиле како трча низ лабораторијата, откако ќе се изведе.

https://www.youtube.com/watch?v=am3iGHDnJHc

Сепак, мора да се нагласат две работи: прво, ова е направено во стерилни услови во лабораторија (затоа, не го пробувајте ова дома).

Второ, видеото е направено за ТВ, па не може со сигурност да се гарантира дека пилето што се гледа на крај е истото што се развива во јајцето (или дека снимките што го покажуваат развојот не се споени заедно од повеќе други примероци), но според истражувањето на техниката, шансите се на страната на пилето.

Како и да е, ова претставува фасцинантен увид во тоа како се одвива развојот на пилето.

Сепак, веројатно ќе се запрашате зошто некој ова би го правел? Со години научниците се обидуваат да најдат начин да му пристапат на пилето додека се развива, не само за да дознаат повеќе за процесот на раст, туку и за да ги проучуваат новите техники за регенеративна медицина, како што е генетскиот инженеринг.

Исто така, оваа техника би била многу корисна во презервацијата на ретките птици. Таа би можела да се примени во случај кога јајцата се оштетени или се изложени на ризик од кршење. Ова исто така би можело да води кон нови техники на ин витро оплодување кај птиците, па дури и да се растат загрозени видови во внатрешноста на сурогат јајце.

Иако истражувачите и во минатото успеале да создадат вакви „проѕирни“ јајца, процентот на изведени пилиња со помош на вакви техники генерално сѐ уште е под 50 проценти.

Но, се чини дека растот на јајцето без лушпа, едноставно во пластична фолија, има сѐ поголем успех, бидејќи според извештајот на јапонските истражувачи во списанието „The Journal of Poultry Science“ во 2014 година, тие успеале да изведат речиси 60 проценти од пилињата со помош на оваа техника.

Поддржете ја нашата работа: