Како умираат галаксиите?

Една студија, објавена во „Nature“ открива дека причината за смрт на галаксиите е задушување, кое настанува откако галаксиите ќе бидат отсечени од материјалите кои им се потребни за да создадат нови ѕвезди.

Истражувачите од Универзитетот во Кембриџ и Кралската опсерваторија во Единбург откриле дека нивоата на метали во мртвите галаксии обезбедуваат клучни докази за одредување на причината за смрт.

Тие имаат две главни хипотези за галактичката смрт, а тоа се: гасот потребен за создавање на нови ѕвезди е наеднаш отстранет од галаксиите од внатрешни или надворешни сили, или пак снабдувањето со гас е на некој начин прекинато, со што галаксијата се задушува до смрт во текот на подолг временски период.

За да ја разрешат оваа мистерија, истражувачите користеле податоци од проектот „Sloan Digital Sky Survey“ за да ги анализираат нивоата на метали кај галаксиите во нашиот агол од универзумот. Металите ја покажуваат историјата на формирањето на ѕвезди – колку повеќе ѕвезди, толку повеќе метали.

Доколку галаксиите умреле поради ненадејно отстранување на гасот, тогаш содржината на метали би требало да биде иста, додека доколку умреле од задушување, односно прекин на снабдувањето со гас, тогаш содржината на метали би требало да продолжи да расте и со текот на времето да запре, бидејќи формирањето на ѕвезди би можело да продолжи се додека не се искористи целиот гас.

По статистичката анализа на разликите во содржината на метали кај живите и мртвите галаксии, научниците утврдиле дека нивото на метали било повиското кај мртвите галаксии, што значи дека причината за смрт кај повеќето галаксии со просечна големина е задушување. Покрај тоа, научниците ја разгледале и разликата во староста на живите и мртвите галаксии и откриле просечна разлика од 4 милијарди години, што е доволно време за една галаксија да се задуши до смрт, што всушност ја потврдува и истата хипотеза.

„Ова е првиот убедлив доказ дека галаксиите се задушуваат до смрт“, истакнуваат научниците. „Следен чекор е да откриеме што го предизвикува тоа. Во суштина, ја знаеме причината за смрт, но не го знаеме убиецот, иако имаме неколку осомничени“.

Поддржете ја нашата работа: