Како звучи Сончевиот систем?

„Во вселената никој не може да те чуе како врискаш“ – ова беше слоганот на филмот „Alien“ од 1979 година. И тоа е точно!

Звучните бранови се пренесуваат механички како вибрации и поради тоа им е потребен медиум (цврст, течен или гасовит) за да патуваат низ него. Иако меѓупланетарниот (и меѓуѕвездениот) простор не е сосема празен, молекулите на гас и прашина се толку ретко распределени што не формираат постојан медиум кој би им овозможил на звучните бранови директно да се пренесуваат.

Но, сепак, постојат многу места во Сончевиот систем кои можат да бидат прилично бучни. Таквите места имаат медиум преку кој може да се пренесат звучните бранови, како на пример атмосфера или океан. А ние штотуку почнавме да истражуваме како сето тоа звучи.

Всушност, ние веќе имаме снимено некои звуци од вселената.

Кога леталото „Huygens“ на Европската вселенска агенција слета на Титан – месечината на Сатурн во 2005 година, сондата го снимаше своето патување низ атмосферата. Кога ќе ја слушнете снимката, ќе добиете впечаток како капсулата да е носена од ветровите додека лебди на површината.

Поентата на ваквите експерименти е да се искористи звукот за да се одреди како притисокот на атмосферата на Титан се менува со длабочината. Ова подоцна може да се искористи за да се создаде модел за циркулацијата на Титан, сличен на оние на Земјата кои ги користиме за да се предвидат временските услови и да се разберат промените во климата.

Имаме и снимки од звуците на кометата 67П Чурјумов- Герасименко, која „пееше“ во празниот простор како што се доближуваше до Сонцето. Исто така, го слушнавме и звукот од слетувањето на лендерот Фили на кометата во ноември 2014 година.

Покрај тоа, постојат и звуци кои ги произведуваат други тела во Сончевиот систем, како Јупитер и прстените на Сатурн, но тоа не се директни аудио снимки туку конверзија на електромагнетни вибрации во аудио сигнали. Звучат доста чудно.

Веќе имаме и слушнато звук од Марс – НАСА објави аудио снимки од 11-годишниот маратон на роверот „Opportunity“. Но, исто како и звуците од Јупитер и прстените на Сатурн, и овие звуци не биле снимени директно туку биле конверзија на вибрациите на роверот.

Сега, НАСА објави дека во нејзината следна мисија на Марс, лендерот ќе носи микрофон за да го сними звукот на планетата. Ова ќе биде првиот микрофон на Марс кој директно ќе ги снима звуците и ќе ги праќа на Земјата.

Поддржете ја нашата работа: